четврток, јуни 18, 2026
Дома МАГАЗИН Неправилното седење или држење на телото се најчестите причини за сколиоза; Совети...

Неправилното седење или држење на телото се најчестите причини за сколиоза; Совети од физиотерапевтот Илија Жежов

65

Искривувањето на ‘рбетот се смета дека е мало кога е под 20 степени. Искривувањето е умерено кога е помеѓу 25 и 40 степени. Кога физиотерапевтот смета дека кривата од умерена преминува во тешка и дека може да се влоши или да предизвика проблеми, се препорачува физикална терапија и употреба на ортопедски корсет додека детето не престане да расте и додека физикалната терапија не покаже сигурни резултати од лекувањето

Сигурно барем еднаш во животот сте го слушнале терминот сколиоза и веројатно ве потсетува на деновите кога како деца/тинејџери сте оделе на систематски преглед. Но, да се потсетиме. Сколиозата претставува искривување на ‘рбетниот столб. Здрав ‘рбет гледан однапред или одзади е прав. При појава на сколиоза се забележува странично искривување на ‘рбетот на десно или на лево. Освен визуелно т.е со голо око, конечната дијагноза се поставува со помош на направена РДГ-снимка во консултација со преглед од физиотерапевт специјалист. Откако ќе се направи стручно мерење на искривувањето на ‘рбетот, ќе се постави точното искривување на степени како да е агол, познат како „аголот на Коб“. За искривување на сколиоза се сметаат сите отстапувања кои се поголеми од 10 степени.

Видови сколиоза

Постои aдолесцентна и идиопатска сколиоза. Сколиозата може да се појави на која било возраст, но најчестиот тип, адолесцентната идиопатска сколиоза, се појавува по 10-годишна возраст, на тинејџерска возраст. Причините можат да бидат најразлични, но во најголем број случаи е од неправилно седење или држење на телото во нездрава позиција, додека, пак, детската сколиоза, односно инфантилната сколиоза, се јавува кај деца под 3-годишна возраст. Таа може да биде резултат на пршлени со абнормална форма која е вродена, разни синдроми, невролошки нарушувања или непознати причини (идиопатска). Јувенилната сколиоза е поредок вид и се јавува кај деца помеѓу 3 и 10 години.

Причини за сколиоза

Фото: Википедија

Во повеќето случаи на сколиоза, точната причина (идиопатска) не е позната. Сепак, сколиозата може да се појави кај луѓе во исто семејство. Кога тоа ќе се случи, веројатно постои генетска компонента како причина, додека, пак, знаците и симптомите на сколиозата понекогаш можат лесно да се забележат, бидејќи искривувањето на ‘рбетот може да предизвика телото на една индивидуа да се навали надесно или налево. Кај некои деца со сколиоза, едното рамо е повисоко од другото и едната плешка (рамената лопатка) е испупчена повеќе од другата.

Како се дијагностицира сколиозата

Прво, физиотерапевтот зема детална медицинска историја и физио-преглед како и прашања за неодамнешниот раст на детето. Дополнително, може да се направи рендген, кој ќе ја потврди дијагнозата и ќе ја открие сериозноста на искривувањето на ‘рбетот. Искривувањето се смета дека е мало кога е под 20 степени. Искривувањето е умерено кога е помеѓу 25 и 40 степени. Искривувањето е сериозно кога надминува 50 степени. Овој тип искривување може да ги оштети белите дробови. Затоа ние, физиотерапевтите, често преземаме конзервативни стручни физиотерапевтски мерки пред да се случи хируршка интервенција, така што искривувањето не ја достигнува оваа последна точка.

Лекување и физикална терапија

На повеќето деца со блага сколиоза не им е потребен третман, се препорачуваат корективни вежби и редовни прегледи за да се утврди дека деформацијата не прогресира. Кога физиотерапевтот смета дека кривата од умерена преминува во тешка и дека може да се влоши или да предизвика проблеми, се препорачува физикална терапија и употреба на ортопедски корсет додека детето не престане да расте и додека физикалната терапија не покаже сигурни резултати од лекувањето. Корсетот не се користи за корекција на претходно постојна крива, но може да спречи таа крива да се влоши. Децата со сериозна и тешка сколиоза, најверојатно, ќе мора да бидат подложени на операција, но, секако, тоа зависи од самиот степен на искривување и од хирургот. Доколку мислите дека вашето дете или токму вие како возрасни лица може да имате сколиоза, закажете консултација со физиотерапевт и започнете ја комплетната трансформација за корекција на ‘рбетот како и навремено откривање и третирање на сериозноста на искривувањето.

(Авторот е специјалист по здравствен фитнес, Ординација за физиотерапија ФИЗИОТЕРАПЕВТ – ЗДРАВЈЕ ГОСТИВАР)

ИЗДВОЕНИ