Големиот Григор Прличев, кој поради својата општествена и револуционерна дејност може да се нарече претеча на илинденците, на едно место во својата „Автобиографија“ вели: „Ете што значи да гине човек за народот свој, да остави име по смртта, зашто смртта негова не е смрт, но е и воскресение.“ Современиците на Гоце Делчев сведочат дека Гоце постојано зборувал дека смртта треба да се пресретне и да се победи. Едно голобрадо дваесетгодишно момче Христо од Лерин молело да му се дозволи да го ликвидира предавникот Трајко од Руља. Откако среде Костур ја завршил задачата, сам се борел со аскерот и загинал. Кога ги собрал четниците за да им соопшти за јуначката смрт на Христо, Гоце им рекол: „Тој ни напомни што нè чека и нас, и јас им пожелувам на сите така јуначки да ја пресретнеме смртта“.

На тој начин и Гоце ја победи смртта, а потоа влезе во легендата. Со околу триста народни песни, тој е најопеаниот јунак во македонската револуционерна поезија. За него се пеени песни и се раскажувани легенди уште додека бил жив. Животот на Гоце е опеан од раѓањето „Роди мајка машко чедо, па го крсти Ѓорѓи“ до смртта „Црна се чума зададе, там долу в Македонија“. Тоа значи дека уште пред историчарите да го вреднуваат неговото дело, народот му подигнал најголем споменик на својот сакан син, а тоа е – народната песна. Навистина, како со само десетина години дејствување на револуционерната сцена, Гоце стана најпопуларната личност во македонското револуционерно движење?
Познатиот бугарски поет Антон Страшимиров, познајник и пријател на нашите револуционери од илинденскиот период, на едно место вели дека за секоја борба се неопходни пет двигатели: срце, волја, совест, разум и историско сознание, и во тој редослед Гоцета го става на прво место, зашто, како што вели, „тој беше срцето на револуционерна Македонија“.
Зошто народот толку го сакаше Гоцета? Зошто го стави на пиедесталот на револуционерната борба, го нарече апостол и најголем син на македонскиот народ, зошто му испеа најмногу песни? Современиците го запаметиле Гоцета како најверен син на мајка Македонија. Го запаметиле и како хуманист и како терорист, иако тие два поими обично не одат заедно. Тргнувајќи од сознанието дека никој поробен народ не се ослободил со молби и молитви, македонските револуционери ја прифатиле оружената борба како единствен пат до слободата. Но како никој друг, Гоце Делчев проповедал автентична македонска борба, без барање помош отстрана и против секакво мешање во движењето. Тој не чекал други да ја почнат некоја работа за тој да се приклучи, напротив тој секогаш прв ги почнувал работите. Неговиот соборец, но и голем почитувач, Андон Ќосето, во своите спомени кажува: „Ако Делчев со четата некаде беше откриен, тој никогаш на војводата не му велеше, ајде сета ти оди напред. Кај него имаше честољубие“. Самиот Гоце одел на чело на колоната, изложувајќи се на опасност, но и штитејќи ги другите. И кога биле сардисани на 4 мај во Баница, тој прв тргнал да го пробива обрачот. Така и загинал.
Некој Коце Мутафчиев, соборец на Гоцета, подоцна се сеќавал дека кога Гоце собирал чета во Софија зборувал: „Другари, кој е со две срца, нека остане тука, а кој е со едно, ама машко срце, нека тргне со мене. Ние не одиме на свадба, туку заминуваме за Македонија, за да се бориме за ослободување на својот народ“.
Секаде каде што ќе пристигнел, Гоце бил пречекуван од населението како спасител. Неговите зборови биле искрени и човечни и поради тоа дејствувале како магија. Христо Силјанов, во своите спомени, откако ќе истакне дека „од прв поглед тешко можеше да се познае во него пламениот апостол, чие име се носеше од уста на уста во Македонија“, се сеќава за еден селски собир во црквата во село Гугово. „Двата големи свештеника и кандилото пред распетието горат. Гоце застанал до владичкиот трон. Ние сме се наредиле под него, свртени со лице кон насобраниот народ.
Ги впериле очите во таинствениот човек за кого слушале легенди и чекаат со напрегнат молк да отвори уста. И со првиот збор – Браќа!, што тој го изговара топло и со заразната, само нему својствена насмевка, само со тој збор тие се веќе во власта на неговата магија. Гласот на проповедникот удира во црковните ѕидишта и екнува право во срцата. Тој одѕив го сеќавам во срцето и јас, за кого не се однесува проповедта. Тој се одразува по лицата на селаните што изгледаат како озарени од божјо откровение. Неговото гостување меѓу нас беше навистина празник“. Сепак, Силјанов вели дека самата физичка појава на Гоцета оставала впечаток. „Гоце ги престегна своите паласки, си завитка еден шал околу белиот фес, си префрли на рамото црна гуна, а над неа карабинот, и тргна прв, мавнувајќи со десната рака. Убаво завитканата чалма, кокетно пробесениот крај на гуната, гестот на раката што замавнува – сето тоа зборуваше дека е Гоце во својата стихија. Во тој момент ми се виде недосеглив, како полубог.
Запишувачот на спомените на Андон Ќосето сведочи дека кога раскажувал за Гоцета, Ќосето плачел. „Мене ми е тешко за секој паднат другар. Впрочем, како нас можат да се родат десетици, стотици. Но Македонија нема да роди втор Делчев. Слушав за Делчева дека каде и да појдеше, ги поттикнуваше луѓето, ги воспоставуваше каналите. Селаните и граѓаните, кога ќе слушнеа дека Гоце иде, се чувствуваа како Господ да слегол од небото. Јас нема да ги заборавам тие убави времиња, ќе ги помнам до смртта. Гоце Делчев никогаш не кажа груб збор“.
Гоце бил приврзаник на автентично македонско ослободително движење. Бил противник на мешањето отстрана, свесен за штетите што тоа ќе ги нанесе на ослободителното дело. Ризо Ризов, во текстот „Маката на Гоце“ („Македонско дело“ 3/1928-Гоцев број) пишува за состојбата во која се нашла Организацијата по Солунската афера кога бил затворен целиот Централен комитет на Револуционерната организација. Нормално е ваквите тешки состојби некој да сака да ги искористи за свои цели. Се јавила потреба од брзо реагирање. Се собрале на состанок во собата бр. 9 во хотелот „Батемберг“, каде што секогаш престојувал Гоце кога бил во Софија: Гоце, Ѓорче, Герџиков, авторот на овој текст, Ризо Ризов – д-р Руменов и др. „Одеднаш зазборува д-р Руменов: ’Господа, како што гледате, ние сме во многу тешка положба и ништо не можеме да направиме сами, зашто немаме пари. Затоа, ете, бугарската влада ни нуди средства – да ги земеме и да свршиме работа…’ При тие зборови, Гоце скокна како опарен. Лицето одеднаш му се измени, се намршти, ги сви рацете во тупаници и небаре морници му поминаа. И со решителен глас и гест, тој го пресече зборувачот: ’Тоа не може, тоа не може да биде никогаш!’ Никогаш дотогаш не бев го видел Гоцета во таква раздразнета, би рекол, во јаросна состојба. Отпрвин тој вложи сили да се овладее себеси и се обиде да објасни какви погубни последици би имал еден ваков чекор – погубни последици и за Организацијата и за Македонија. ’Да ја чуваме чистотата на ослободителното движење и на Организацијата – тоа е првиот услов за нашиот успех!’ – повторуваше тој. ’Еднаш земени пари од владата, при денешните политички услови и атмосфера, значи даден ангажман, значи обврзување… А и моралниот удар внатре, сред населението, ќе биде страшен: луѓето ќе одвикнат сами да ги задоволуваат своите потреби, сè ќе чекаат помош однадвор, ќе ја загубат својата самоувереност – а тоа води кон загубување на самостојноста и независноста на Организацијата… Бугарската влада, која има чисти завојувачки намери спрема Македонија, штом ќе почне да дава пари, ќе знае како да ја исползува со таа ’помош’ создадената состојба на работите внатре: таа нема да се задоволи со некакви платонски чувства, туку ќе сака реални повластици… Повторувам ударот ќе биде страшен’… Откако се разотидоа присутните, јас видов каква голема сенка го замрачи секогаш насмеаното лице на Гоцета – сенката на една голема мака што заседна во неговата душа“.
Гоце бил голем противник и на врховистичките обиди да го преземат раководењето со Организацијата. Некој активист што се потпишал со псевдонимот Стамен во сеќавањето објавено во „Македонски вести“ (1935) пишува дека „еднаш врховистите го повикале Гоцета на состанок. Делчев помисли дека ќе разговараат со него и љубезно се одзва на нивната покана. Но излезе дека тие не го викале за разговор, туку да му ги издиктираат и наложат своите услови. Беа донеле решение по секоја цена да се расправат со него. (…) Сосем неочекувано и императивно побараа од него да им ја предаде Организацијата. Му предлагаа пушки и пари, а за тоа тој да им ја предаде врховната команда на Организацијата. ’Елате’, им одговори Делчев, ’нели сакате да се жртвувате за робјето, елате, ќе ве примиме како што сакате поединечно или групно, ќе работиме во духот на уставот (т.е. статутот) и интересите на Организацијата. Во работата меѓу народот има место и за вас’.
Врховистите едногласно му одговорија: ’Сакаме да ни ја предадете командата на Организацијата, слушате ли, Делчев? Не Вие, туку ние одовде – Врховниот комитет ќе го има зборот за методите на револуционерната борба внатре во Македонија, нè разбирате ли нас?’ Делчев кимна со главата и сериозно ги изгледа. ’Смешно е тоа што барате вие – им одговори. – Командата не е алиште за да го соблечам и да ви го дадам, туку е право извојувано со труд и докажана способност и саможртва за интересите на народот. Елате во Македонија, ќе ве претставиме на народот, ќе го уверите во неопходноста на тоа што го сакате вие и ако тој ве засака, ќе ви ја даде довербата и командата.’
Но наместо да останат задоволни од одговорот, тие кренаа врева и упатија куп пцовки и закани на негова адреса. А еден изнервиран субјект скокна како опален и му удри шлаканица на Делчева. Водачот на Македонија ја извади камата за да го прободе, но наместо да ја забие во градите на тепачот, ја фрли на подот и излезе надвор, на улицата. Ние јурнавме по него и го заобиколивме. Јадри капки пот се ронеа од неговото широко чело… ни јад, ни страст да го обземе“.
Овој настан внел голема возбуда меѓу Македонците и особено меѓу приврзаниците на Делчев. Се собрале на едно место и расправале за одмазда: „На мојата мила татковина, на мојата бедна измачена мајчица ѝ удрија шлаканица. И јас нема да имам мира додека не одмаздам“… Но кога возбудата достигнала кулминација и кога се решавала судбината на Цончев, тропнала вратата и влегол Гоце. „При неговото појавување молкнавме сите. Ние очекувавме строга наредба за убивање на Цончев, но се случи токму спротивното. Делчев проговори: ’О, браќа, зарем е само таа навреда што ќе има да ја поднесеме? Но таа е само првата. Туку стојте, не брзајте, не горештете се. Ние му припаѓаме на делото. И заради делото ќе избегнеме тука секое саморасправање. Оставете ги, не вреди да се расправаме тука со нив. Ние сме со нив, сепак, браќа. Утре тие ќе се покаат и ќе дојдат да му служат на делото, а некои од нив ќе умрат за делото. Тие се заблудени. Ние нема да ги накажуваме, тие сами со својата постапка се имаат накажано…’ Делчев ни зборуваше мирно, убедливо. Ние ’се скротивме’… после заедно ја напуштивме собата и сите го фативме патот за Македонија“.
Во весникот „Македонско дело“ (3,1928-Гоцев број) се објавени сеќавања на некој Н. М. како ја примил веста за загинувањето на Гоце: „Пoчетокот на мај 1903 година. Учител сум во Велес. Беше убав пролетен ден, со секретарот на училишното настојателство, Давче Наков, седиме во канцеларијата на настојателството. Возот штотуку беше пристигнал од Солун. Седиме и си прикажуваме. Поштаџијата ја донесува поштата – писма и весник „Јенасар“. Жедни за авадиси, ние бргу го земаме весникот и го отвораме. Останавме стаписани од она што го прочитавме во него. На уводното место во весникот, напишано со големи букви, прочитавме: „Гоце Делчев, главниот водач на револуционерната организација, убиен“. Не можевме да поверуваме. Дали не е лага? Македонецот – роб толку грижливо го чуваше својот љубим водач… Но, не! Ја читаме со затаен здив уводната статија. Свршено. Не останува никакво сомнение. Еве, статијата зборува со полни подробности за борбата на Гоцета со аскерот кај с. Баница, Серско. Исполинот, титанот, стожерот на македонското ослободително движење е откриен и убиен. Двата смртни непријатели на Гоцевото дело – турскиот монархизам и врховизмот триумфираа, ликуваа злорадо и самозадоволно“.
Во весникот „Македонски вести“ (5.5.1936 година), некој Блаже Видов соопштува како реагирале врховистичките водачи во моментот кога ја добиле веста за загинувањето на Гоце. Тој го пренесува сведоштвото на некој тогаш веќе стар македонски деец што живеел во Горна Џумаја. Тој му раскажувал дека бил во Врховниот комитет кога стигнала веста за загинувањето на Гоце. „Во 1903 година во Софија, одам еден ден во канцеларијата на тогашниот виден адвокат и врховист Ѕивгов, инаку мој вујко. Само по неколку минути влегуваат кај него неговите пријатели: Протогеров, Цончев, пол. Јанков, и Софрони Стојанов. Уште со влегувањето во канцеларијата, сите оклештени. Обрнувајќи се кон Ѕивгов му велат: ’Најпосле се ослободивме од оној пес, го убија!’ (Тоа се однесуваше за македонскиот апостол Гоце Делчев.) Останав во недоумение. Бев млад, ентузијазиран револуционер. Не одговорив ништо, плукнав и си излегов. Се прашував сам: кому му служат овие луѓе? Само во едно бев сигурен, а тоа и сега го мислам: – Не на Македонија“.
Како што забележал и Ѓорче Петров, но и некои други блиски на Гоцета, Гоце постојано зборувал дека ропството ќе престане тогаш кога човекот ќе престане да се чувствува како роб. „Делчев беше фанатичен поддржувач на максимата дека ропството се должи, пред сè, на самиот роб и се крепи од него повеќе отколку од мачителот и дека кога ќе престане робот во душата да биде таков, ропството исчезнува само по себеси“.
Само Гоце Делчев можел да ги обедини различните струи во Организацијата. И како што вели неговиот близок другар Герџиков. „Во својство на таков единствен тој можеше да ги регулира односите меѓу одделните членови на Организацијата, влезени во неа при различни околности, со различни идеологии, нееднакво образовани, нееднакво воспитани, излезени од најразлични социјални средини. (…) и со личниот пример покажуваше каков треба да биде моралниот лик на револуционерот“.
Гоце бил разочаран од решението за кревање востание. Бил свесен што тоа ќе донесе, но бил свесен и дека не може да го спречи. Сепак, сакал да се види со луѓето што донеле таква одлука. „Останува – рече тој – секој да го решава прашањето за себеси. Колку се однесува до мене, јас нема да се противставам, но нема да исполнам никакво конгресно решение. Кај што ќе останам да се борам – ќе се борам како востаник, како што знам, без непосредното учество на населението. Сепак, ќе одам во Солун да ги видам тие луѓе одблизу“.
Како вонвременски водач, Гоце обединувал и по загинувањето. Така, неговиот другар Димо Хаџи Димов запишал: „Гоце обединува… и нека во најблиско време одново да си подадеме сите братска рака како синови на Македонија, така како што некогаш околу Гоцета се чувствувавме како една челад и социјалисти и анархисти и националисти, зашто мислевме и дејствувавме како Македонци, сите до еден и сите како еден“. (…) Сите по патот и примерот на Гоцета! Сите под едно знаме! Сите во служба на Татковината. За неа да се бориме! За неа да умираме!
Ако за браќата Миладиновци и нивната генерација беше речено дека го забрзаа времето, генерацијата на Гоце до највисок степен го издигна македонското име, како олтар пред кој се положува животот. Таа генерација ги стави темелите на нашата револуционерна борба што го изведе славното Илинденско востание од 1903 година, што продолжи со подвигот од АСНОМ од 1944 и што доведе до 8 Септември 1991 година.
проф. д-р Марко Китевски













