петок, ноември 6, 2026
Дома СВЕТ Бранот бомбашки закани се прошири на медиуми: Се евакуираат редакции

Бранот бомбашки закани се прошири на медиуми: Се евакуираат редакции

1
EPA/CHRISTOPHER NEUNDORF

По серијата закани со бомби кои во последните денови предизвикаа безбедносни аларми во европскиот авиосообраќај, во петокот на мета се најдоа и неколку големи ирски медиуми. Во Даблин, вработените во јавниот сервис RTÉ и во други медиумски куќи беа евакуирани, а полицијата во моментов врши безбедносни проверки.

Неколку ирски медиуми во петокот го евакуираа својот персонал откако добија закани со бомби. Меѓу нив се јавниот сервис RTÉ и дневниот весник „Ајриш индепендент“, а според медиумските извештаи, евакуирани биле и вработените во радиостаниците „Њусток“ и „Тудеј Еф-Ем“, пренесува „Еуроњуз“.

Од RTÉ соопштија дека безбедносен аларм бил активиран откако во петокот наутро бил примен заканувачки имејл. Водителите, новинарите и останатиот персонал биле евакуирани од зградите во рамките на комплексот на јавниот сервис во јужен Даблин. На лице место пристигнале припадници на ирската полиција, позната како „Гарда“.

Од RTÉ нагласија дека безбедноста на вработените е главен приоритет и дека редовната програма ќе продолжи што е можно поскоро, по консултации со полицијата.

Безбедносните сили интервенираа и во „Индепендент хаус“, седиштето на „Ајриш индепендент“ – еден од најистакнатите дневни весници во Ирска. Од весникот потврдија дека полицијата е на лице место како одговор на добиената закана.

Според достапните информации, евакуации се случиле и во просториите на радиостаниците „Њусток“ и „Тудеј Еф-Ем“. Засега нема информации за пронајдени експлозивни направи, ниту пак е познато дали заканите упатени кон различните медиумски куќи се меѓусебно поврзани.

Особено е значајно тоа што најновите закани се случуваат приближно една недела пред состанокот на Европската политичка заедница, кој треба да се одржи во Даблин. На состанокот, меѓу другото, ќе се разговара и за европската безбедност по руската инвазија врз Украина.

Ирскиот европратеник Бери Ендрјус реагираше на најновите инциденти, предупредувајќи на социјалната мрежа „Икс“ (X) за можните последици од хибридните напади.

„Нарушување, конфузија и недоверба се целите на ваквите хибридни напади. Европските лидери мора да воспостават контрола. Ова не може да продолжи“, изјави Ендрјус. Сепак, сè уште нема потврда дека заканите кон ирските медиуми се дел од хибридна операција или дека се поврзани со претстојниот самит.

ИЗДВОЕНИ