петок, ноември 6, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Грипот забрзува, за седум дена бројот на заболени пораснал за 90 отсто

Грипот забрзува, за седум дена бројот на заболени пораснал за 90 отсто

Речиси двојно повеќе заболени за една недела, Тетово со најмногу случаи

0

Во Македонија минатата недела се регистрирани 116 заболени од грип и заболувања слични на грип, што е зголемување за 90,2 отсто во споредба со претходната недела, кога биле пријавени 61 случај. Иако бројот на заболени расте, земјава сè уште не го достигнала епидемиолошкиот праг за официјален почеток на сезоната на грип.

Според најновиот извештај на Институтот за јавно здравје, податоците се однесуваат на периодот од 26 октомври до 1 ноември. Најмногу заболени се регистрирани во Тетово, 48 лица, потоа во Куманово со 26 и во Скопје со 13 случаи. Во Прилеп и Гостивар се пријавени по седум заболени. Најголем дел од пациентите се на возраст од 15 до 64 години, односно 84 лица, додека 25 заболени се над 65 години, а седум се деца на возраст од 5 до 14 години.

Од почетокот на сезоната 2026/2027, вкупно се пријавени 343 заболени од грип и заболувања слични на грип. Тоа е речиси ист број како во истиот период лани, кога биле регистрирани 338 случаи, но е за 15,1 отсто повеќе од просекот за истиот период во последните 16 сезони. Тетово и во вкупната статистика е на прво место со 127 заболени, а најголем број случаи се кај лицата од 15 до 64 години, кои сочинуваат 74,3 отсто од сите пријавени. Лабораториските анализи на 47 примероци земени минатата недела покажале присуство на вирусот на грип кај четири лица. Кај три е откриен вирусот инфлуенца А, без утврден подтип, а кај едно е потврден типот А(H1)pdm09. Регистриран е и еден позитивен тест за ковид-19. Од ИЈЗ оценуваат дека активноста на грипот сè уште е на ниво карактеристично за периодот меѓу две сезони, а позитивноста на лабораториските тестови изнесува 6,7 отсто.

Во меѓувреме, продолжува и вакцинацијата против сезонски грип. Таа започна на 21 октомври, а според податоците од Управата за електронско здравство, до завршувањето на извештајот биле вакцинирани 11.629 лица од ризичните категории со бесплатни вакцини.Министерството за здравство информира дека се вакцинираат по околу 1700 луѓе, а над 70 илјади се пријавени. До крајот на месецот бројот на набавени вакцини треба да достигне 86 илјади. Вакцинацијата особено се препорачува за лицата над 65 години, децата од шест месеци до пет години, хронично болните, бремените жени и здравствените работници.  Од Институтот потсетуваат дека за заштита од респираторни инфекции треба редовно да се мијат рацете, да се проветруваат просториите и да се избегнува близок контакт со лица кои имаат симптоми. На оние што ќе заболат им се препорачува да останат дома, да одмораат и да избегнуваат контакти со други луѓе за да не го шират вирусот. (П.А.)

ИЗДВОЕНИ