Непознати сторители синоќа со автомобил провалиле во трговскиот центар „Меркур“ во Крањ, Словенија, при што украле голема количина накит од една златарница. Според словенечките медиуми, сторителите со автомобил влетале низ влезните врати и продолжиле да возат околу дваесет метри во внатрешноста на објектот, сè додека не стигнале до златарницата. Полицијата интензивно трага по сторителите, пренесува „Словенске новице“.
Провалата се случила утрово, околу 03:20 часот, во трговскиот центар „Меркур“ во населбата Примсково во Крањ. Словенечката полиција потврди дека сторителите со возило влегле во трговскиот објект, провалиле внатре и однеле значителна количина накит.
Како што известува „Словенске новице“, повикувајќи се на свој новинар кој бил на лице место, сторителите со автомобил ги пробиле големите влезни врати на трговскиот центар. Откако влегле внатре, продолжиле да возат низ објектот, упатувајќи се кон златарницата „Рангус“.
Според истиот извор, тие извозеле уште околу 20 метри низ зградата, при што оштетиле стаклени делови од влезот. Нивна цел била златарницата што се наоѓа во склоп на трговскиот центар. Од полицијата потврдија дека е украдена голема количина накит и дека е причинета значителна материјална штета. Точната вредност на украдениот накит и вкупниот обем на штетата сè уште не се познати.
Во текот на истата ноќ, словенечката полиција истражувала уште еден инцидент во околината на Крањ. Околу 02:20 часот, добиле пријава за експлозија на банкомат – околу еден час пред провалата во златарницата. Според полициските информации, непознати сторители оштетиле банкомат користејќи експлозивна направа, која допрва треба да биде идентификувана. Оштетени се и банкоматот и објектот во кој тој се наоѓал.
Полицијата засега не открива дали од банкоматот биле украдени пари, ниту дали постои поврзаност помеѓу експлозијата и провалата во трговскиот центар.
Службеници од полициската управа во Крањ извршиле увид на лице место и собираат информации со цел да ги пронајдат сторителите. „Поради интензивниот карактер на истрагата, во овој момент не можеме да изнесеме дополнителни детали. Надлежното државно обвинителство ќе биде информирано за сите утврдени факти“, изјави Роланд Брајич, портпарол на Полициската управа Крањ.
Полицијата апелира до сите што имаат информации во врска со провалата или експлозијата на банкоматот, да се јават на телефонскиот број 113 или на линијата за анонимни пријави 080 1200.












