Непопуларноста на американскиот претседател Доналд Трамп ги намалува шансите на републиканците да го задржат тесното мнозинство во Конгресот, два месеца пред изборите закажани за 3 ноември, додека предизборната кампања влегува во одлучувачка фаза, објави британската агенција Ројтерс.
Новинарите и политичките аналитичари нагласуваат дека овие избори се еден вид плебисцит за оној што се наоѓа во Белата куќа.
Оваа реалност е уште поизразена во ерата на Трамп. Како сеприсутна фигура во американскиот политички живот речиси цела деценија, претседателот се соочува со големи потешкотии додека се приближуваат последните две години од неговиот мандат.
Доколку демократите освојат мнозинство во Претставничкиот дом на Конгресот, сценарио што изгледа веројатно, тие би можеле да покренат истраги со погубни последици за администрацијата на Трамп и да ја принудат Белата куќа да биде пофлексибилна во односите со Конгресот.
Лидерите на Демократската партија веќе се обврзаа дека ќе покренат повеќе судски постапки насочени кон докажување дека лицето што се наоѓа во Белата куќа е несомнено корумпирана личност.
Според најновата анкета на Институтот Ипсос, популарноста на Трамп е на историски најниско ниво. Големо мнозинство Американци велат дека се незадоволни од војната во Иран и од економската ситуација, се додава во анкетата.












