Системот на ЕУ за влез/излез (EES), кој предизвикува значителен метеж на граничните премини, е одложен во најмалку девет земји – потег што може да се толкува како големо отстапување од страна на Брисел. Франција, Германија, Италија, Белгија, Холандија, Грција, Малта, Португалија и Швајцарија добија дозвола да го одложат целосното спроведување на системот.
Според ЕЕС, државјаните на земји надвор од ЕУ, како Македонија, мора да дадат отпечатоци од прсти и скенирање на лицето и при влез и при излез од Шенген-зоната, иако конкретната примена на овие правила варира во зависност од ситуацијата. Официјални лица од Брисел им дозволија на овие земји да ги одложат биометриските гранични проверки со цел да се „одржи протокот на границите“, објави „Тајмс“ (The Times).
Водечкиот систем на ЕУ за контрола на границите беше покренат во октомври 2025 година по повеќегодишни одложувања и се очекуваше целосно да профункционира до април оваа година. Сепак, се појавија бројни проблеми, вклучувајќи софтверски тешкотии и недостиг на персонал. Подоцна беше понуден преоден период од 150 дена, што им овозможи на поединечните земји да ги суспендираат проверките доколку проценат дека нивото на метеж е превисоко.
Тој период истече на 6 септември и иако Брисел претходно ја исклучи можноста за продолжување, најмалку девет земји од Шенген-зоната ја известија Комисијата дека нема целосно да го спроведат системот сè додека технологијата не функционира правилно.
Брисел неофицијално се согласи со ова – овојпат, се чини, без краен рок.
Авиокомпаниите, аеродромите и операторите на пристаништа претходно силно лобираа за одложување на спроведувањето. Од друга страна, претставниците на ЕУ постојано тврдеа дека системот функционира добро.
Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA), глобалното трговско здружение на авиокомпании, предупреди на сериозни последици доколку ЕУ не го промени својот став.
„Ќе се соочиме со огромен проблем ако не можеме да го исклучиме системот. Дури и со одредена флексибилност, забележавме оперативни тешкотии, технички проблеми и нестабилност на неколку аеродроми“, изјави Томас Рејнарт, виш потпретседател за надворешни односи во IATA. Се верува дека и британската влада вршела притисок.
Апостолос Ѕиѕикостас, европскиот комесар задолжен за преговорите за ЕЕС со земјите надвор од ЕУ, наводно, летово ѝ дал уверувања во приватна комуникација на британската министерка за транспорт, Хајди Александар, дека системот нема строго да се спроведува по 6 септември.
Секоја земја од Шенген-зоната го спроведува ЕЕС на различен начин; некои земји, како Шведска и Португалија, нудат апликација што им овозможува на патниците да ги достават своите биометриски податоци. Сите национални системи се поврзани со централизиран портал управуван од eu-LISA, агенција на ЕУ со седиште во Естонија и околу 400 вработени.
Кога патникот првпат влегува во Шенген-зоната, податоците од неговиот пасош се испраќаат до eu-LISA за да се креира централно досие. Потоа се земаат отпечатоци од прсти и се врши скенирање на лицето, кои се споредуваат со податоците во тоа досие. Сепак, два клучни проблема го загрозија овој процес.
Во некои земји, биометриските податоци се собираат, но поради технички грешки никогаш не се пренесуваат до eu-LISA. Во други земји, граничните службеници не можат да пристапат до постоечките досиеја на патниците, поради што се принудени да ја започнат целата процедура од почеток.
Овие проблеми продолжуваат да постојат, оставајќи ги биометриските скенери вредни милиони евра на аеродромите и во пристаништата неискористени.












