Илон Маск, американскиот милијардер и извршен директор на „Тесла“ и „Спејс-икс“, им се придружи на 165.000 потписници на отворено писмо со кое се бара враќање на Џенсен Хуанг – поранешниот извршен директор и коосновач на американската технолошка компанија „Енвидиа“ – на чело на фирмата.
Маск и бројни други лидери од технолошката индустрија го поддржаа враќањето на Хуанг, во време кога, според извештаите, тој веќе планира камбек, само неколку дена по неговата оставка, објави денеска весникот „Гардијан“.
Во отвореното писмо се упатува повик до одборот на директори на компанијата „да го врати Џенсен на функцијата, сè додека не се утврдат фактите преку независна истрага“.
Според „Фајненшел тајмс“ (FT), повикувајќи се на различни извори, Хуанг разговарал за можноста за враќање со блиски соработници, додека неговите поддржувачи во Силиконската долина формираат „кризен тим“ за да лобираат за негово повторно поставување на функцијата. Ова се случува само неколку дена откако тој поднесе оставка по извештаите за романтични врски со жена осомничена за шпионажа за Кина, како и со вработена во компанијата.
Повеќе извори запознаени со ситуацијата наведуваат дека Хуанг размислува за враќање во компанијата, иако одборот на „Енвидиа“ спроведува независна истрага за неговото однесување – постапки што предизвикаа сериозна раководна криза во фирмата, чија пазарна вредност се проценува на 4 трилиони долари. Еден од сојузниците на Хуанг изјави за „Фајненшел тајмс“ дека група раководители од Силиконската долина формираат еден вид „кризен комитет“ за да лобираат за враќање на поранешниот челник на „Енвидиа“ и дека имаат намера да побараат поддршка од Белата куќа.
„Сите што се важни во технолошката индустрија – надвор од водечките истражувачки лаборатории – го сакаат Џенсен“, рече изворот, додавајќи дека Хуанг ја поддржува оваа иницијатива.
Хуанг сè уште ужива силна поддршка од дел од вработените во „Енвидиа“, некои од нив јавно повикаа на негово враќање и потпишаа отворено писмо во деновите по неговата оставка.
Сепак, според британскиот весник, иницијативата би можела да наиде на противење од одредени влијателни функционери во Вашингтон.
Во неделата, американскиот министер за финансии, Скот Бесент, повика на „драматични промени“ во раководството на компанијата по заминувањето на Хуанг. Наводната романтична врска на Хуанг со Алис Хуанг – извршен директор во компанијата „Мегаспид“ (Megaspid) со седиште во Сингапур – доведе до засилен надзор врз протоколите за усогласеност на „Енвидиа“ (Nvidia), особено во однос на продажбата на чипови за вештачка интелигенција на азиски клиенти кои можеби имаат врски со Кина.
Пред два дена, Маск истакна дека иако Хуанг брилијантно управувал со синџирот на снабдување на компанијата, многу договори биле склучени „со ракување“, а не преку формални пишани договори, а следствено на тоа, сега кога Хуанг поднесе оставка, постои веројатност некои од тие „клучни договори“ да пропаднат. Според информации што протекоа од внатрешниот комуникациски систем на компанијата, по заминувањето на Хуанг во фирмата настанале несогласувања, објави CNBC.
Во четвртокот, Маск изјави дека за него би било чест да го ангажира Хуанг, кој истиот ден поднесе оставка од функцијата извршен директор на „Енвидиа“.












