понеделник, ноември 16, 2026
Дома СВЕТ Зеленски тврди дека Русија изгубила повеќе од 55 отсто од своите капацитети...

Зеленски тврди дека Русија изгубила повеќе од 55 отсто од своите капацитети за преработка на нафта

0
EPA/SERGEY DOLZHENKO

Украинските сили досега онеспособија повеќе од 55 отсто од капацитетите на Русија за преработка на нафта, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски. Според него, нападите врз руските рафинерии и друга нафтена инфраструктура се одговор на континуираните руски напади врз енергетскиот систем на Украина.

Зеленски ја сподели оваа проценка синоќа, по брифингот со главнокомандувачкиот на вооружените сили на Украина, Михајло Драпати, во врска со нападите врз цели длабоко на руска територија.

„Резултати гледаме речиси секој ден. Досега онеспособивме вкупно повеќе од 55 отсто од руските капацитети за преработка на нафта“, рече Зеленски.

„Ова е целосно оправдан одговор на одбивањето на Русија да ја намали ескалацијата на конфликтот, како и на нејзините континуирани напади врз нашиот енергетски систем“, додаде украинскиот претседател.

Зеленски не изнесе конкретни детали за поединечни рафинерии, ниту пак појасни дали наведениот процент се однесува на капацитети што моментално се надвор од функција, или на вкупниот капацитет што бил погоден за време на украинските напади.

Неговото тврдење дека повеќе од 55 отсто од руските капацитети за преработка на нафта се онеспособени, во моментов не може независно да се потврди.

ИЗДВОЕНИ