Владата внимателно ја следи актуелната состојба и разгледува мерки кои ќе бидат во корист на граѓаните, порача премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање дали ќе се носат нови економски насочени мерки, имајќи ја предвид стапката на инфлација.
Мицкоски појасни дека просечната инфлација во првите четири месеци од годината е под 4,5 % и, како што рече, „е една од најниските, ако не и најниска во регионот“.
„Од нашата анализа, конкретно за мајската инфлација, главниот двигател зошто таа изнесува 4,7 % на годишно ниво за мај се два сектори, односно два типа производи“, истакна тој.
Тој посочи дека станува збор за транспортните услуги, кои бележат двоцифрен пораст над 10 %, како и алкохолот, цигарите и тутунските производи, кои се блиску до двоцифрени стапки.
„Јас навистина не би сакал да применувам мерки. Напротив, можеби се потребни уште поригорозни мерки, затоа што целта наша е да се заштити здравјето на граѓаните“, нагласи премиерот.
Тој додаде дека за алкохолните пијалаци, тутунот и цигарите нема да се воведуваат никакви мерки. „Еве, однапред кажуваме дека тука нема да има мерки“, подвлече Мицкоски.
Во однос на транспортот, премиерот истакна дека Владата веќе води дијалог со транспортерите. Според него, најголемиот дел од порастот се должи на авионскиот превоз, предизвикан од поскапениот керозин, кој е речиси двојно поскап.
„Така што, тука може да интервенираме повторно во делот на даноците“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека Владата прво ќе ја следи состојбата во текот на месецот, по што ќе се донесат конкретни економски насочени мерки за намалување на инфлацијата.












