Сезоната на берба почнува, но за земјоделците повторно се отвора истиот проблем: каде да најдат работници? Овоштарите и лозарите сè потешко обезбедуваат сезонска работна сила, а недостигот на берачи од година на година станува сè поголем. Во земјоделството, главно, остануваат постарите генерации, додека младите сè поретко се решаваат да работат на нива дури и кога дневниците се значително повисоки од претходните години. Работната сила во земјоделството најчесто е на возраст од 55 до 75 години. Сопствениците на овошни насади велат дека младите не се заинтересирани за сезонска работа, а оние што, сепак, сакаат да заработат од берба, заминуваат во странство, каде што може повеќе да заработат за истата работа. Така, земјоделците остануваат со празни ниви и недоволно работници токму во најважниот период од годината.
Дневниците се зголемени во однос на лани и во моментов се движат од 1.800 до 2.500 денари за околу шест часа работа. Сепак, земјоделците велат дека проблемот одамна не е само во висината на дневницата. Според нив, земјоделството сè потешко обезбедува сигурна заработка, додека трошоците за производство растат, а недостигот на работници дополнително го зголемува притисокот врз производителите.
– Нема луѓе, нема кој да сади, нема кој да бере. Останавме ние, постарите генерации, кои ги имаме наследено нивите од дедовците и од татковците и за кои емотивно сме врзани – велат земјоделците.
Тие предупредуваат дека без млади, тешко ќе може да се обезбеди иднината на домашното производство.
– Почна бербата на раните сорти грозје, темјаника и шардоне, а кога ќе завршиме со нив, ќе почнеме со бербата на вранецот и на смедеревката. Сопствениците на лозови насади се на возраст над 55 години и не може да најдат работници за берба. Годинава, дневницата е зголемена на 1.800 денари за берачите и 2.500 денари за оние што вршат утовар на грозје, но и покрај тоа, тешко се наоѓа работна рака – изјави за весникот ВЕЧЕР Дане Јошев, претседател на Здружението на лозароовоштари од Кавадарци.
Според него, на лозовите насади најчесто доаѓаат постари лица, меѓу кои и пензионери од Радовиш и од Велес, додека младите речиси и да не се заинтересирани за работа во земјоделството. Дел од нив, доколку бараат сезонска работа, се одлучуваат за ангажман во фабриките во Кавадарци, кои, исто така, имаат сериозна потреба од работници. Дополнителен проблем е што дел од македонските сезонски работници заминуваат во странство, каде што може да заработат значително повеќе за берба.
Јошев посочува дека голем број домашни берачи заминуваат во Италија во текот на сезоната на грозјето, што дополнително го намалува бројот на расположлива работна сила во Тиквешко.
Недостигот на берачи не се однесува само на лозарството. Слична е состојбата и кај овоштарите, особено во Преспанскиот Регион, каде што секоја година има потреба од голем број работници за берба на јаболката. Традиционално, дел од работната сила доаѓа таму од Албанија, а очекувањата се дека и оваа сезона странските сезонски работници ќе помогнат во собирањето на родот.
Покрај проблемот со работната сила, годинава лозарите се соочуваат и со намалено производство. Сушата и пролетните мразеви оставија последици врз лозовите насади, па очекувањата се дека родот ќе биде помал во споредба со минатата година. Според процените на лозарите, годинава се очекува да бидат набрани околу 80 до 85 милиони тони винско грозје.
Работодавците сметаат дека Законот за сезонско ангажирање работници донел одредени олеснувања, особено во делот на пријавувањето сезонски работници и намалувањето на работата на црно, но не успеал целосно да го реши хроничниот недостиг на работна сила.
– Законот за сезонско ангажирање работници ја олесни постапката за пријавување на работниците и овозможи тие да не работат на црно, но не го реши целосно проблемот. Недостигот на сезонска работна сила сè уште постои, а проблем има и кај оние работодавци што не сакаат да ги пријават работниците и сè уште ги ангажираат на црно. Младите не сакаат да работат во земјоделството, особено да берат грозје, јаболка и други земјоделски производи – изјави за весникот ВЕЧЕР Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи на Македонија.
Според него, недостигот на работници е проблем што не може да се реши само со една законска мерка, бидејќи се работи за поширок тренд што погодува повеќе сектори од економијата. Покрај земјоделството, има сериозен недостиг на работна сила и во угостителството, каде што работодавците сè почесто се принудени да бараат алтернативни начини за обезбедување кадар.
Како пример за зависноста од странска работна сила, Димитров го посочува и земјоделството, каде што и годинава се очекува ангажирање сезонски работници од Албанија за бербата на јаболката во Преспанскиот Регион.
– И годинава ќе се ангажираат сезонски работници од Албанија за берба на јаболката. Во земјоделството, како и во угостителството, недостигаат многу работници и овој проблем не може да се реши само со едно законско решение – вели Димитров.
Според работодавците, суштината на проблемот е во недостигот на домашна работна сила, особено младите луѓе што би останале да работат во земјоделството и во сезонските дејности. Оттука, покрај олеснувањето на процедурите за легално ангажирање, потребни се и пошироки мерки за задржување на работниците во земјата, подобрување на условите за работа и зголемување на атрактивноста на секторите што се соочуваат со најголем недостиг на кадар.
(А.С.)












