недела, септември 27, 2026
Дома СВЕТ Швајцарците ја отфрлија иницијативата за заострување на правилата за неутралност

Швајцарците ја отфрлија иницијативата за заострување на правилата за неутралност

0

Ранките проекции од денешниот референдум покажуваат дека гласачите во Швајцарија ќе ја отфрлат десничарската иницијатива со која се бараше строга примена на одредбите за неутралност на земјата.

Граѓаните на Швајцарија денеска на референдум се изјаснуваат дали сакаат порестриктивна дефиниција за неутралноста на нивната земја, која меѓу другото би подразбирала дека таа не би можела да воведува меѓународни санкции за завоените страни.

Иницијативата за „зачувување на швајцарската неутралност“ повикува во Уставот да се внесе одредба според која неутралноста на Швајцарија е „трајна и вооружена“, се наведува во соопштението на веб-страницата на владата.

Според проекциите на швајцарската јавна телевизија SRG, засновани на информации од агенцијата за анкети „gfs Bern“ и прелиминарните податоци на владата, повеќе од две третини од гласачите ја отфрлиле иницијативата.

Конечните официјални податоци се очекуваат подоцна денеска.

Избирачките места беа затворени напладне по локално време, а мнозинството гласаше по пошта.

Оние кои се за планот што го застапува Швајцарската народна партија, чии членови имаат проруски ставови, инсистираат дека владата премногу се приближува до Европската Унија и НАТО, особено околу руската војна во Украина.

Предлогот за референдум следува откако Швајцарија одлучи да се приклучи на санкциите на ЕУ против Русија. Целта е да ѝ се забрани на Швајцарија да се приклучува кон казнени мерки против непријателски земји, освен кога станува збор за санкции на Обединетите нации. Русија има право на вето во Советот за безбедност на ОН како една од нејзините пет постојани членки.

Швајцарија е посветена на неутралноста која е внесена во нејзиниот Устав уште од средината на 19 век, а швајцарската неутралност се соочува со повеќегодишна дебата околу тоа што навистина значи тоа.

Швајцарија не е членка на ниту една воена алијанса. Меѓутоа, доколку предлогот поминеше, со тоа би ѝ се забранило на швајцарската влада дури и да соработува со која било алијанса како што соработуваше со НАТО во текот на три децении, вклучително и преку заеднички вежби, освен во случај на непосредна закана.

Оние кои го поддржуваат предлогот тврдат дека владата тргнала „опасно блиску“ до ЕУ и НАТО на начин што ја загрозува швајцарската безбедност и независното делување.

Противниците на предлогот, вклучително и сојузната влада и парламентот, велат дека уставот веќе ѝ ја дава на сојузната влада слободата што ѝ е потребна за да ги брани националните интереси.

ИЗДВОЕНИ