Огновите повторно ја зафатија земјава.
Со најмалку 52 пожари на отворен простор, според директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов вчерашниот ден бил најтежок од почетокот на оваа сезона на пожари. Од нив, 64 се изгаснати благодарение на целодневната борба на локалните пожарникари.
Шест останаа активни. Покрај овие шест пожари, во текот на денешниот ден се појавиле и други.
Меѓу најтешките, според Ангелов, бил пожарот што избил во непосредна близина на Прилеп, покрај магистралниот пат кон Битола.
– Иако пожарот е во рамничарски дел, силниот ветер им ја отежнува работата на прилепските пожарникарите, поради што е зафатена поголема површина – нагласи Ангелов.
Тој наведе дека пожарот е ставен под делумна контрола, но очекува да биде ставен и под целосна. За жал, во пожарот настрадала штала во која имало складирано поголема количина тутун.
Најголем предизвик за Ангелов е пожарот на територијата на Општина Студеничани, во атарот на селото Рамни Габер, каде што дејствуваат три „ер трактори“ на Дирекцијата и четири огнени тима со четири „пинцгаери“. Според Ангелов, засега овој пожар не претставува закана за блиските села. Друг комплексен пожар е оној во селото Драгов Дол, во Општина Македонски Брод.
Инаку, според Центарот за управување со кризи (ЦУК), во текот на денешниот ден, до 13:00 часот, во земјава биле регистрирани вкупно 13 пожари на отворен простор. Од нив, активни се девет, под контрола се два пожари, додека два се изгаснати.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека активни се пожарите над селата Моране, Вртеккица и Рамни Габер – Општина Студеничани, каде што гори мешана шума, потоа во селото Маково – Општина Новаци, каде што гори ниска вегетација, во селото Муждивњак – Општина Крива Паланка, каде што горат ниска вегетација и багреми, во атарот на селото Лозани – Општина Могила, каде што гори ниска вегетација, во селото Сливник – Општина Велес, каде што гори ниска вегетација, во селото Драгов Дол – Општина Македонски Брод, каде што гори ниска вегетација, кај магистралниот пат Прилеп – Битола, во Општина Битола, каде што горат ниска вегетација и викендица, кај старата фабрика „Партизанка“ – Општина Прилеп, каде што гори ниска вегетација и во селото Долно Татеши – Општина Струга, каде што гори ниска вегетација.
Под контрола, пак, се пожарите на градската депонија – Општина Делчево и во селото Манастирско Доленци – Општина Кичево, каде што гори нискостеблеста деградирана шума.
Воедно, изгаснати се пожарите во селото Старо Балдовци – Општина Босилово, каде што горат ниска вегетација и шамак и во селото Копанце – Општина Јегуновце, каде што горат шума и ниска вегетација.
(А. П.)












