Македонците сè почесто се определуваат за брзи и модерни начини на плаќање. Податоците од Народната банка покажуваат дека дури 71,7 % од електронските кредитни трансфери се направени преку мобилни уреди. Така, лани, во земјава биле реализирани 249 милиони безготовински плаќања што е пораст на трансакциите од 7,1 % во споредба со 2024 година. Притоа, биле реализирани плаќања во вредност од 9,72 милијарди денари, што е пораст од 36,4 % на годишно ниво.
Од Народната банка посочуваат дека порастот е резултат на сè пошироката употреба на платежните картички и електронските кредитни трансфери, што укажува на зголемена доверба на граѓаните и компаниите во дигиталните канали за плаќање. Така, кај картичните трансакции, порастот е од 8,4 %, а нивното учество во вкупниот број безготовински плаќања достигнало 69,1 %.
На крајот од 2025 година, во оптек биле околу два милиона платежни картички, додека технолошката модернизација на инфраструктурата е речиси целосно реализирана. Дури 97,4 % од ПОС-терминалите во земјата поддржуваат бесконтактни плаќања, овозможувајќи побрзи и поедноставни трансакции за корисниците.
– Во 2025 година, бројот на поплаки поднесени до банките и штедилниците е намален за 4,1 % во однос на претходната година. Дополнително, во корист на клиентите биле решени 71,5 % од случаите, што говори за зголемена ефикасност во постапувањето по претставките и за унапредување на механизмите за заштита на корисниците на финансиски услуги – велат од Народната банка.
На крајот на март годинава, девизните резерви достигнале 5,249 милијарди евра. Според Народната банка, порастот, главно, се должи на нето-приливите кон Владата и државните институции, како и на поволните движења на меѓународните финансиски пазари.
– И покрај зголемената глобална неизвесност, девизните резерви се управуваат согласно со принципите на сигурност и ликвидност, со цел одржување на стабилноста на економскиот систем – наведуваат од централната банка.












