вторник, јуни 23, 2026
Дома БАЛКАН НЕ СУМ “КУМ“ – одговори Рама на обвинувањата на демонстрантите во Албанија...

НЕ СУМ “КУМ“ – одговори Рама на обвинувањата на демонстрантите во Албанија поради проектот на Кушнер и Трамп

1
EPA/BORIS PEJOVIC

Премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека тој не е албанскиот Кум, реагирајќи на повеќенеделните антикорупциски протести поради проектот за изградба на луксузно одморалиште, поврзано со зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.

Како што пишува денеска британскиот весник „Фајненшл тајмс“ (ФТ), „Фламинго револуција“ е покрената поради гневот на јавноста предизвикан од планираниот проект на Џаред Кушнер и Иванка Трамп од 4 милијарди долари на островот и во близина на природен резерват познат по фламингата.

Демонстрантите бараа Рама да поднесе оставка и да одговара за, како што гледаат, системска корупција која им овозможува на меѓународните инвеститори да градат на заштитено земјиште.

„Луѓето велат дека јас сум водач на сето ова. Јас им велам: еб… се. Толку е едноставно. Не е мое да докажам дека не сум кум, нивно е да докажат дека сум“, рече Рама.

Албанските обвинители издадоа налози за апсење на повеќе од десет бизнисмени под обвиненија за трговија со дрога и перење пари, вклучително и еден кој претходно поседувал земјиште во област која треба да ја развијат Кушнер и неговата сопруга Иванка Трамп. Се сомнева дека милијарди евра биле пренасочени за големи градежни проекти долж јадранскиот брег и во главниот град на Албанија.

Меѓу бизнисмените цел на истрагата е и Артур Сеху, американско-албански државјанин кој живее во Мајами. Во 2025 година, Шеху го продаде земјиштето во близина на природниот резерват каде што се гнездат фламинга, на компанијата „Albanian Land Development“, поврзана со проектот Кушнер. Тој бизнис се најде под лупата на антикорупционерите, кои ги замрзнаа исплатите во вредност од 128 милиони евра до крајот на истрагата.

Шеху не одговори на барањето на ФТ за коментар.

Рама рече дека неговата влада им дозволила на обвинителите да ги следат случаите поагресивно, што во исто време ја зајакна перцепцијата дека земјата е преплавена од корупција и организиран криминал.

Портпаролот на Кушнер и неговите други партнери во Албанија не одговори на барањата на ФТ за коментар.

Рама инсистира дека инвестициите на Кушнер се целосно легални и дека нема врска со тековната истрага против претходниот сопственик на земјиштето.

„Да се ​​каже дека албанската економија се заснова на перење пари, тоа е страшно“, изјави Рама за ФТ во неговата канцеларија со поглед на булеварот каде десетици илјади луѓе протестираат секоја вечер повеќе од три недели.

„Перењето пари е дел од нашата економија, но тоа не е толку голем проблем…Мислите дека нема перење пари во Лондон? Има. Но, дали можете да кажете дека британската економија во голема мера се заснова на перење пари? Не“, додаде тој.

„Во реалноста, тоа е токму спротивното. Албанија се бори како никогаш досега и денес е многу помалку корумпирана отколку што беше“, додаде тој.

Тој ги повтори тврдењата дека протестите биле поттикнати од непријателите на американскиот претседател, вклучително и Иран.

Претходните денови, медиумите на албански јазик ја пренесоа и изјавата на Рама за „меѓународно учество во протестите“, тврдејќи дека доаѓаат луѓе и од Косово и од Северна Македонија.

„Има голем интерес за уништување на овој проект… поради Трамп… Да не беше Џаред Кушнер… никој не би се грижел за фламинго, за Албанија, за ништо друго. Сета оваа омраза кон Трамп создава таков детален преглед“, изјави Рама за ФТ.

Тој изрази уверување дека плановите за развој на крајбрежјето ќе се реализираат и покрај протестите.

ИЗДВОЕНИ