Пред објавувањето на добитникот на Нобеловата награда за мир, американскиот претседател Доналд Трамп вели дека е време таа чест да му припадне нему.
„Не знам каква ќе биде нивната одлука. Тие имаат репутација дека можеби не ја доделуваат на луѓе како мене“, изјави Трамп во врска со наградата за 2026 година – која Норвешкиот Нобелов комитет треба да ја објави во петок – пренесува Ројтерс.
Откако минатата година се врати во Белата куќа, Трамп постојано изјавува дека заслужува да ја добие оваа престижна чест.
„Време е за тоа. Бев многу почестен што минатиот пат индиректно ја добив од еден лауреат кој рече дека никој во историјата не ја заслужува повеќе од претседателот Трамп“, им рече американскиот претседател на новинарите во Овалната соба.
Лидерката на венецуелската опозиција, Марија Корина Мачадо, во јануари му го предаде својот медал од Нобеловата награда за мир за 2025 година на американскиот претседател, додека бараше поддршка од САД за нејзините напори во Венецуела.
Трамп изјави дека треба да ја добие наградата откако се вклучил во решавањето на осум глобални конфликти по преземањето на функцијата минатиот јануари.
Лидери од Камбоџа, Израел и Пакистан изјавија дека го номинирале Трамп, иако не постои начин тоа да се потврди.
Страните во некои од конфликтите што Трамп тврди дека ги решил, ја оспоруваат дипломатската улога на американскиот претседател, а борбите повторно се разгореле во некои од тие региони, вклучително и во Демократска Република Конго и долж границата меѓу Камбоџа и Тајланд. Решението за војната во Украина му „побегна“ на Трамп, кој вети дека ќе ја заврши уште првиот ден од својот втор мандат во Белата куќа.
Папата Лав XIV, Меѓународниот кривичен суд и специјалниот известувач за палестинските територии се меѓу фаворитите за овогодишната Нобелова награда за мир, пренесува Ројтерс.












