По цели дваесет години, Љубљана добива нов градоначалник. Зоран Јанковиќ, долгогодишниот челник на словенечката престолнина, беше поразен во вториот круг од локалните избори од својот противкандидат, Лука Месец, кој ја претставува партијата „Левица“.
Според податоците на Државната изборна комисија (ДВК), при преброени речиси 90 отсто од гласовите (89,13 отсто), Лука Месец води со 51,36 отсто од гласовите, додека Јанковиќ освои 48,64 отсто. Сфаќајќи дека разликата повеќе не може да се надомести, Јанковиќ веќе го призна поразот и му честиташе на својот противник, пренесува порталот „24ur“.
За Јанковиќ, ова беше првпат во текот на неговите две децении на чело на Љубљана да мора да се соочи со втор круг од изборите; предизборните анкети со денови укажуваа на неизвесна трка, каде што кандидатите беа речиси израмнети. До 19:00 часот, на гласање излегоа 49,60 отсто од граѓаните на Љубљана.
V štabu @LukaMesec vlada prešerno vzdušje. Kandidat za župana se sproščeno pogovarja z zbranimi v hotelu Union. @24ur_com pic.twitter.com/AoRyzT6c1F
— Mirko Vorkapić (@mirkogrozny) November 29, 2026
На прославата со идниот градоначалник се придружија истакнати членови на партијата „Левица“ – меѓу кои и пратеничките Аста Вречко и Наташа Сукич – како и новоизбрани градски советници и бројни поддржувачи.
„Чувствувам тага. Излезноста во вториот круг беше исклучително висока. Му се јавив на Лука и му честитав. Се договоривме да се сретнеме, а одлучивме тоа да биде следната недела. Му посакувам успешен градоначалнички мандат“, изјави Јанковиќ. Тој нагласи дека е подготвен да му помогне на својот наследник „во сè, само Љубљана да продолжи да напредува“.
Долгогодишниот градоначалник на Љубљана не криеше дека поразот го погодил.
„Како се чувствувам? Тажно. Што друго да се каже? Но, јасно е дека 20 години беа доволно долг период“, рече тој.
На прашањето што ќе прави сега, откако повеќе нема да биде градоначалник, тој одговори: „Ќе одвојам малку време за размислување“.
„Довербата значи одговорност“, прокоментира Месец во врска со изборните резултати. „Денес ни е дозволено да сонуваме, но утре е работен понеделник“, додаде тој, предизвикувајќи громогласен аплауз од своите поддржувачи.
„Г-дин Јанковиќ се јави за да ми честита за победата, што навистина го ценам“, рече новоизбраниот градоначалник на Љубљана.












