Во пресрет на Меѓународниот ден на жената, утре во просториите на Детскиот културен центар „Карпош“, со почеток во 10:00 часот, ќе се одржи манифестацијата „Играм и пеам за мојата мајка“, со поднаслов „Љубов и насмевка за сите жени“.
– Настанот им е посветен на мајките и жените, како израз на благодарност, љубов и почит кон нивната секојдневна грижа и нивната поддршка. Во рамките на програмата ќе биде отворена изложба на ликовни трудови изработени од децата од градинките во Скопје, кои преку боја, форма и креативност ќе ја претстават својата искрена детска љубов кон мајките – информираат од ДКЦ „Карпош“.
На годинашната манифестација ќе присуствува Јасмина Атанасова-Симјаноска, првата оџачарка во Македонија, која ќе им се обрати на децата и ќе го сподели своето животно искуство под мотото „Оџачарот носи среќа – оџачарката носи дупла среќа!“
Јасмина е дипломиран архитект, енергетски контролор, судски проценител на недвижности, автор на учебници, автор на поезија и проза, а од 2016 година и дипломирана оџачарка.
Преку разговор и инспиративна порака, таа ќе им објасни на малите учесници дека секоја жена може да биде успешна во секоја професија што ќе ја избере доколку верува во себе, сонува и се труди – соопштија од ДКЦ „Карпош“.
Оттаму додаваат дека настанот има цел да ги поттикне најмладите да растат со почит кон жените, со свест за еднаквост и со разбирање дека љубовта и добрината се најголемата сила што ги поврзува сите генерации.












