Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави дека наскоро ќе почне асфалтирањето на булеварот ,,Борис Трајковски“.
– По три децении празни ветувања, за само нешто повеќе од три месеци ги решивме проблемите што ја кочеа изградбата на булеварот „Борис Трајковски“ и секојдневно создаваа вистинска голгота за повеќе од 100.000 граѓани. Денес трасата е целосно ослободена, изградена е нова атмосферска канализација, завршено е тампонирањето од едната страна, а наскоро ќе почнеме и со поставувањето на првиот слој асфалт – најави Ѓорѓиевски.
Тој додава дека со тоа жителите од овој дел на Скопје ќе добијат нов, модерен и безбеден булевар, каков што одамна заслужуваат.
Булеварот „Борис Трајковски“ ги поврзува Кисела Вода, Пинтија и Драчево.
Првата делница од проширениот и реконструиран булевар „Борис Трајковски“, од „Рампа“ до крстосницата со улицата „Народни херои“, во должина од 1.380 метри, беше завршена во октомври 2012 година.











