Општина Кисела Вода и оваа година ќе додели бесплатни анатомски ранци и училиштен прибор за сите првачиња запишани во основните училишта на нејзина територија.
– Мерката ќе опфати околу 530 ученици во осумте општински основни училишта, кои од септември тргнуваат во прво одделение. Обезбедениот пакет ги вклучува сите основни материјали, како ранец, тетратки и друг прибор неопходен за почетокот на наставата – наведуваат од Општината.
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска, нагласи дека примарната цел на овој проект е финансиско олеснување за семејствата пред почетокот на учебната година.
– Првиот училиштен ден е важен момент за децата и за родителите, а нашата цел, како Општина, е тој да помине без дополнителен финансиски товар за семејниот буџет. Овој проект, кој како позитивен пример веќе се применува и во голем дел од другите општини, ја потврдува нашата континуирана заложба за директна поддршка на граѓаните – рече Стаменкоска-Трајкоска.
Таа апелираше до родителите на идните првачиња да не се изложуваат на трошоци и да не купуваат ранци и прибор.
– Сакам да нагласам дека за добивање на оваа поддршка, не се потребни никакви критериуми, ниту дополнителни административни процедури, бидејќи мерката важи автоматски за сите запишани првачиња во Општината – изјави градоначалничката.












