Населбата Пролет ја доби најмодерната градинка во државата

1138

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, денеска им ја предаде во употреба градинката „Пролет“, во истоимената населба, на најмладите жители што живеат во овој дел од градот.

Овој објект е дел од градинката „Раде Јовчевски-Корчагин“ и, како што истакна Герасимовски, е најмодерна, најурбана и најевропска градинка во државата.

– Темелите на оваа убава приказна беа поставени во 2022 година, пред неполни три години. Изградена е и опремена за помалку од три години. Градинката „Пролет“ се простира на површина од 3.200 квадратни метри, со девет занимални и е со капацитет да прими 173 дечиња. Топло и безбедно катче, оформено според сите стандарди. Изградена за 900 евра за квадратен метар, по потпросечна цена, оваа градинка е пример за тоа што може да се постигне кога се има заедничка цел – нагласи Герасимовски, додавајќи дека објектот е симбол на заедничката посветеност и на грижата за најмладите.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, додаде дека овој целосно нов објект ќе ги задоволи огромните потреби на граѓаните што живеат во овој дел од градот.

– Ова не е само објект туку и место каде што ќе се всадуваат нови пријателства, место каде што децата ќе ги прават  првите чекори кон образованието, светот на креативноста – истакна Филипче.

Изградбата на градинката е целосно финансирана од Општина Центар и чини околу 3 милиони евра.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ