вторник, септември 15, 2026
Дома СКОПСКА Барутана го тресе Центар, ЗНАМ бара детална ревизија на планот

Барутана го тресе Центар, ЗНАМ бара детална ревизија на планот

1

Не стивнуваат реакциите во јавноста за несаканите последици од изгласаниот, како што нарекуваат, контроверзен, план за градската четврт „Барутана“.

Советниците на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во Општина Центар кои гласаа против бараат ДУП-от детално да се ревидира.
Сметаат дека површината од 6,9 хектари на која треба да се гради ќе мора да се соголи, да се исечат многу дрва и тоа, како што предупредуваат претставува голем ризик за Градот и жителите.

– Водно беше гола планина. Во минатото се случувало голема маса на вода и земја да се спуштаат низ падините и стигнувале до околните населби нанесувајќи материјална штета  и доведувајќи ги во опасност животите на граѓаните. За да се заштити градот и жителите од ерозија, Водно интензивно неколку децении е пошумувано. Сега, за интересите и апетитите на неколкумина, треба да се уништи она  што со генерации се правеше и одржуваше – нагласи на вчерашната прес конференција, Крумислав Мишко Барзов советник од партијата Движење ЗНАМ за Наша Македонија.

Инаку, во  понеделникот заврши јавната анкета на која центарци можеа да ги дадат своите забелешки и мислења околу контроверзниот и оспорен нацрт-план за Деталниот урбанистички план (ДУП) за месноста Барутана на Водно.

Оваа тема се вжешти во јавноста откако советниците на ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Советот на Општина Центар, на 14 јули 2026 година, заеднички го изгласаа планот за Барутана, иако планот немал добиено мислење од Дирекцијата за заштита и спасување во однос на опасноста. Против, освен ЗНАМ гласаа и советниците на „Шанса за Центар“, Левица, како и по еден советник од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, центарци потпишуваат петиција со која се бара да се повлече планот за Барутана и Општина Центар да го преработи, со цел да се стопираат предвидените нови градби кои би ги уништиле пошумените предели и би ги пресекле децениските планинарски патеки.

(А.П.)

 

ИЗДВОЕНИ