Лицата кои наполниле 62 години за жени, односно 64 години за мажи, а немаат 15 години пензиски стаж, но имаат најмалку 13 години стаж, ќе можат со уплата да ги надополнат месеците што им недостигаат за исполнување на условот за пензионирање.
Ова го најави министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, гостувајќи во телевизиска емисија. Тој посочи дека предлог-решението веќе е во владина процедура. Мерката ќе се однесува исклучиво на неактивни осигуреници, односно на лица кои повеќе не се осигуреници и кои веќе ја достигнале возраста за старост.
– Откупот на стаж ќе се однесува само на оние коишто веќе не се осигуреници, наполниле 62-64 години, жени-мажи, и имаат до 13 години работен стаж. Тие ќе имаат право, во моментот кога ги наполниле годините за старост, да откупат 24 месеци стаж, односно да платат за истиот – објасни Велковски.
Според најавениот модел, пресметката ќе се прави врз основа на 50 проценти од просечната плата од претходната година, со примена на стапка од 19,9 проценти. Така, доколку просечната нето-плата е 45.000 денари, основицата би изнесувала 22.500 денари. Во тој случај, еден месец стаж би чинел околу 4.478 денари, додека за максималните 24 месеци би биле потребни околу 107.460 денари.
Колкава ќе биде пензијата по надополнувањето на стажот ќе зависи од претходните примања и од стажот на осигуреникот.
– Зависно колку имале во 13-те години, формулата која ќе произлезе – од 13 години колку штедел, на каква плата бил пријавен итн., ќе се покаже самата формула дополнително – рече министерот.
Конечните услови и начинот на пресметка треба да бидат утврдени со решението кое е во владина процедура.












