Ако општеството е огледало на својот интелектуален и морален капацитет, тогаш македонската реалност веќе подолго време одбива да го погледне сопствениот одраз. Но, бројките и фактите, за разлика од дневнополитичките демагогии, имаат една студена особина: тие не лажат, ниту, пак, можеш да ги поткупиш.
Кога ќе ги отворите извештаите од PISA-тестирањата, каде што во конкуренција од 81 држава нашите 15-годишници се позиционирани на поразителното 71. место по читачка писменост, 68. место по природни науки и на 61. место по математика, тоа не е само проблем на образованието. Тоа е системска пресуда за интелектуалната кондиција на нацијата. Функционална неписменост значи неможност да се разбере прочитаниот текст, да се повлече логична врска помеѓу причината и последицата или да се препознае евтина манипулација. Кога ќе се додадат на ова и меѓународните мерења за коефициентот на интелигенција – каде што, според глобалните агрегирани податоци просечниот IQ варира помеѓу 85 и 92 во зависност од методологијата, додека според поединечни онлајн тестирања се движи околу 98 – сликата станува кристално јасна. Ние, како општество, одгледуваме генерации што не знаат како да мислат, туку воспитуваме папагали што треба само да ги повторуваат мислите креирани од партискиот штаб.
Но, вистинската катастрофа не завршува во училишните клупи, туку длабоко го инфицира секојдневието. Некултурата кај младите веќе одамна не е само инцидент или младешки бунт туку и прифатен начин на живот. Од демолирањето на урбаната опрема во парковите, расфрланиот отпад пред самите клупи, до гласната простачка музика од автомобилите и агресивниот деструктивен говор во меѓусебната комуникација, на секој чекор се гледа тотално отсуство на почит кон заедницата и кон јавниот простор. Кога им е препуштено воспитувањето на брзиот профит и на токсичните интернет-идоли, резултатот е генерација што го доживува авторитетот како непријател, а примитивизмот како доказ за сила.
Таа иста деструктивност потоа се искривува и метастазира на дигиталниот плоштад – социјалните мрежи. Отворете ги порталите и коментарите под која било вест. Тоа не е арена за размена на аргументи, туку дигитална септичка јама. Начинот на комуникација е сведен на пцости, закани, меѓусебна омраза и на банален воајеризам. Социјалните мрежи станаа место каде што неписменоста се носи како орден, а агресијата го заменува разумот. Секој е експерт за сè, а никој нема трпение да прочита повеќе од два реда. Аналитичноста е прогласена за слабост, а кафеанскиот популизам за врвна мудрост.
Оваа интелектуална ерозија директно го храни нашиот морален банкрот. Моралниот интегритет на еден народ не се мери според тоа колку пати ќе го споменеме патриотизмот или историјата, туку според тоа како реагираме на неправдата, корупцијата и на девијациите во сопствениот двор. Прво, преку тотален општествен конформизам, молчиме кога се руши правниот систем, а “урламе“ за небитни теми на „Фејсбук“. Второ, преку нормализација на девијациите, поткупот, партиската книшка и институционалниот криминал, кои повеќе не предизвикуваат морален револт, туку станаа легитимен начин на преживување. Трето, преку селективна правда, каде што секогаш е виновен „другиот“, додека нашите сопствени грешки ги оправдуваме со геополитички теории на заговор.
Кога се соочува функционално неписмен народ со деградирани домашни навики со исто толку деградиран правосуден и политички систем, резултатот е тотална апатија. Потпросечната писменост и отсуството на лична култура создаваат совршен материјал за манипулација. На таков терен, секоја институционална деформација минува без отпор, секоја коруптивна зделка станува нормална, а секој обид за градење вистинска правна држава се губи во шумот на дигиталната простотија.
Не ни се виновни ниту соседите ниту белосветските заговори. Наш најголем противник е сопствениот недостиг на интегритет и одбивањето да се соочиме со фактот дека без образование, правда, базично домашно воспитание и критичка мисла, институциите се само празни школки, а општеството – заедница во постојано и сопствено режирано пропаѓање.
(Редакцијата се оградува од ставовите на авторите изразени во колумните.)












