Македонскиот олимписки комитет оствари работна средба со висока делегација на Светската е-спорт федерација (IESF), предводена од претседателот Влад Маринеску, на која беа разгледани можностите за продлабочување на соработката и понатамошниот  развој на е-спортот во Македонија.

Во ера на брза дигитална трансформација, на средбата беше потврдена заедничката визија за поврзување на е-спортот со традиционалниот спорт, со посебен фокус на заштитата на интегритетот, едукацијата и приближувањето на олимписките вредности до младите генерации.

Генералниот секретар на МОК, Ѓорги Тасев, потсети дека е-спортот во државава е признат од 2022 година, а институционалната поддршка е дополнително потврдена со формирањето посебна комисија во рамките на Олимпискиот комитет. Тој го истакна значењето на средбата, нагласувајќи ја потребата да се биде во чекор со времето и да се следат новите трендови доколку сакаме спортот да остане близок до младите.

„За нас, како Македонски олимписки комитет, ова е исклучително значајна средба. Многу ни значи што денеска имаме можност да разговараме со претседателот Маринеску, а особено нè радува што во структурите на една ваква глобална организација се и Македонците Бобан Тотовски и Игор Недевски. МОК силно го поддржува е-спортот и веќе имаме формирано комисија со цел да го развиваме и интегрираме во секојдневниот спорт, нормално, преку доследна заштита на интегритетот, едукативниот и спортскиот аспект. Сакаме да ја интензивираме соработката со Македонската е-спорт федерација. Врската помеѓу е-спортот и олимпизмот е веќе реалност која не може да се игнорира. Ние активно ги следиме новите трендови и јасно ни е дека за да допреме до младите генерации и да им ги пренесеме олимписките вредности, мораме да зборуваме на нивниот јазик, а дигиталниот свет е нивното секојдневие“, изјави Тасев.

Претседателот на Светската е-спорт федерација, Маринеску, изрази благодарност за отвореноста и визијата на МОК.

„Поддршката од Олимпискиот комитет е од големо значење за глобалниот развој на е-спортот. Радува фактот што Олимпискиот комитет овде има слух за модерното време и за новите генерации. Оваа институционална подготвеност за соработка и заштита на интегритетот на спортот е вистински пример за тоа како традиционалниот спорт и е-спортот можат да се надополнуваат во духот на олимписките вредности“, изјави Маринеску.

Генералниот секретар на ИЕСФ, Бобан Тотовски, ја поздрави подготвеноста на МОК за продлабочување на соработката и ја нагласи важноста на домашната поддршка за меѓународниот успех.

„Како претставник на светската федерација, но пред сè, како Македонец, горд сум на чекорите што ги презема МОК. Следењето на глобалните технолошки и спортски трендови е одлика на вистинско лидерство. Формирањето на посебната комисија и признавањето на е-спортот од 2022 година, како и формирањето на е-спорт простор во рамки на Олимпискиот центар, покажуваат сериозна визија. Оваа средба е само потврда дека со заеднички сили можеме да го подигнеме е-спортот во државата на едно многу повисоко ниво“, истакна Тотовски.

ИЗДВОЕНИ