
Нов предлог за мировен договор со Иран предизвикал напнат телефонски разговор меѓу американскиот претседател, Доналд Трамп, и израелскиот премиер, Бенјамин Нетанјаху, велат извори запознаени со разговорот, пишува „Аксиос“.
Според информации од дипломатски извори, Трамп и Нетанјаху имале долг и „тежок“ телефонски разговор во вторник вечерта. Трамп му кажал на Нетанјаху дека медијаторите работат на „писмо за намери“ што САД и Иран ќе го потпишат за формално завршување на војната и за почеток на 30-дневен период на преговори за прашањата како што се нуклеарната програма на Иран и отворањето на Хормускиот Проток. Американски извор запознаен со тој разговор рекол дека Нетанјаху „пламнал“ по повикот и бил многу вознемирен, додека два израелски извори тврдат дека двајцата лидери имале различни мислења за понатамошниот правец на преговорите. Нетанјаху е исклучително скептичен во однос на преговорите и се залага за продолжување на војната со цел дополнително да ги ослаби воените капацитети на Иран и режимот со уништување на клучната инфраструктура. Според американскиот извор, израелскиот амбасадор во Вашингтон ги информирал американските пратеници дека Нетанјаху е загрижен за развојот на ситуацијата. Израелската амбасада ги отфрлила таквите тврдења и рекла дека „амбасадорот не коментира приватни разговори“.
Изворите, исто така, наведуваат дека Нетанјаху покажал голема загриженост дури и во претходните фази од преговорите, кога немало договори.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи изјави дека за да успеат преговорите, САД ќе мора да го прекинат „пиратството“ на иранските бродови и да се согласат за ослободување на замрзнатите средства, додека Израел ќе мора да ја запре војната во Либан. Белата куќа и кабинетот на израелскиот премиер одбија да ги коментираат обвинувањата. Според израелски извори, Нетанјаху сака да отпатува во Вашингтон во наредните недели за да се сретне со Трамп.











