Се огласија од Министерството за спорт по последните случувања на финалето од Купот на Македонија меѓу Силекс и Шкендија. Оттаму најостро ги осудија свирежите во текот на интонирањето на националната химна од страна на навивачите на Шкендија, но посочија дека уште позагрижувачко е однесувањето на играчите, кои одбија да ги примат медалите по завршувањето на натпреварот.

Соопштението ви го испраќаме во целост:

Министерството за спорт најостро ги осудува свирежите на националната химна од страна на навивачите на Шкендија, но уште повеќе нè загрижува однесувањето на играчите, кои одбија да ги примат медалите по завршувањето на натпреварот.

Во последниов период имаше повеќе настани што доаѓаа од повеќе страни (спортски работници, фудбалери, навивачи, клубови), кои му штетат на угледот на Федерациите, државата и крајно, на спортот, наспроти она што треба да претставува спортот.

Би сакале да ја известиме јавноста, но и сите страни што се вклучени директно или индиректно во клубовите, дека Министерството за спорт пристапува кон разгледување на можноста за измени во Законот за спорт со кои ќе ги прошириме ингеренциите на државата со цел ваквите појави да бидат сериозно санкционирани.

Казните ќе бидат во делот на добивањето државна помош, а во крајна линија ќе се предвиди и постапка за одземање на решенијата за дејност спорт, со што ќе се губи правото на настап во националното првенство.

Воедно, ја повикуваме и Фудбалската федерација на Македонија да го промени својот правилник, кој би бил многу поригорозен во санкционирањето нарушувања од секаков вид.

Согласно со сите меѓународни правни инструменти, за што сите земји во светот имаат постигнато општ консензус, ваквите и слични девијантни појави не смеат да бидат секојдневие во спортот, вклучително и во македонскиот спорт и во таа насока Министерството за спорт ќе направи сè за да ги заштити националните интереси и интересите на спортот.

Сите, без исклучок, мора да ги почитуваат правилата пропишани со меѓународните конвенции и другите меѓународни акти што се однесуваат на спортот, правилата на државите што го уредиле спортот да функционира во една легална рамка, со сите елементи на државноста и, секако, правилата на националните спортски федерации, кои го спроведуваат националниот систем на натпревари.

 

ИЗДВОЕНИ