Екипата на Еурофарм Пелистер славеше со 25:22 на гостувањето кај ГРК Охрид, во дербито од плејофот во македонската Суперлига и му се реваншираше на охридскиот тим за претходниот пораз во Битола.

Клучен човек на натпреварот беше искусниот голман Никола Митревски, кој блескаше на голот со 16 одбрани и беше најзаслужен за триумфот на битолчани.

Пелистер уште во првото полувреме направи голема разлика и замина на пауза со водство од 16:10, а во вториот дел стигна и до максимални плус осум. Со оваа победа, битолчани се вратија на второто место на табелата, со 50 бода, колку што има и Охрид, но со подобар меѓусебен скор.

И покрај поразот, во Охрид владее вистинска еуфорија пред европското финале против Татабања во ЕХФ Европскиот куп.

Од клубот соопштија дека билетите за реваншот во салата „Билјанини Извори“ биле распродадени за само 15 минути.

Првиот финален натпревар против унгарскиот тим, за кој настапува и Филип Талески, ќе се игра на 24 мај, додека реваншот во Охрид е закажан за 31 мај.

ИЗДВОЕНИ