Утрово се случи напад во загрепско средно училиште, а на терен веднаш пристигнаа полицијата и итна помош. Според информациите што ги објави полицијата, околу 8:15 часот пристигнале на местото на дојавата во електромашинското средно училиште во Конавоска улица на Трешњевка.
Како што дознава Дневник.хр, ученик го избодел друг ученик со нож, а вработена во училиштето, наводно хигиеничарка, се обидела да ги раздвои и притоа и таа била повредена. Нападот, како што објавија хрватските емдиуми се случил во училишниот тоалет.
“Ученикот кој ги нанесе повредите се наоѓа под полициски надзор. Криминалистичкото истражување и увидот се во тек, а на повредените им е укажана медицинска помош”, извести полицијата.
Хигиеничарката наводно е полесно повредена, додека Министерството за здравство извести дека кај ученикот, поради подлабоки убодни рани, е индициран оперативен зафат.
Наставата е откажана и сите ученици го напуштија училиштето. За сè се огласи и ресорното министерство.
“Министерството за наука, образование и млади е запознаено со инцидентот во електромашинското училиште во Загреб. Веднаш по дознавањето за овој настан, претставници на Министерството заминаа во училиштето. Исто така сме во контакт со сите служби вклучени во овој настан. Во училиштето ќе биде испратен и кризен тим”, потврдија од Министерството.
Според неофицијални информации до кои дојде „Индекс“, напаѓачот носел фантомка за време на крвавиот поход.












