Студентите кои учествуваат во блокадата вечерва упатија повик до граѓаните мирно да се разотидат откако ќе заврши прославата на плоштадот „Славија“, нагласувајќи дека не поддржуваат упади во медиумски куќи или институции, пренесува Nova.rs.
„Ќе ги ослободиме медиумите преку Народното собрание, преку институционална борба“, соопштија студентите.
На своите профили на социјалните мрежи, студентите наведоа дека ја „разбираат еуфоријата, емоциите и потребата конечно да се прослави победата по сè низ што поминавме“.
Сепак, тие нагласуваат дека сега е важно да се остане достоинствен и одговорен.
„Не поддржуваме упади во медиумски куќи или институции, ниту пак повикуваме на такво нешто. Медиумите ќе ги ослободиме во рамките на Народното собрание, преку институционална борба за слобода и професионално новинарство“, нагласуваат студентите кои учествуваат во блокадата.
Тие ги повикуваат граѓаните вечерва, по завршувањето на прославата на „Славија“, мирно да се разотидат и да заминат дома.
„Заедно ја извојувавме оваа победа; да го зачуваме нејзиното достоинство“, заклучуваат студентите.
Претходно вечерва, граѓани – револтирани од долготрајното известување на одредени медиуми блиски до Александар Вучиќ – се собраа пред просториите на „Информер“. Во еден момент, неколку поединци влегле во студиото, но подоцна ја напуштиле зградата. Граѓани се собраа и пред седиштето на телевизијата „Пинк“, кое е обезбедено од полициски кордон.












