Американскиот потпретседател Џеј-Ди Ванс беше во центарот на вниманието на републиканската конвенција во Далас во четвртокот, одржувајќи говор што се смета за ран тест за неговите изгледи за претседателска кандидатура во 2028 година; тој упати силна порака за национална гордост, која беше ентузијастички прифатена од поддржувачите на Доналд Трамп.
Додека партиските лидери се соочуваат со пад на рејтингот и неизвесност пред ноемвриските избори за Конгресот, тие истовремено бараат знаци за тоа кој еден ден би можел да го продолжи политичкото движење на претседателот Трамп. Трамп го одржа завршниот говор по Ванс, но од бината малку зборуваше за излагањето на својот потпретседател. Наместо тоа, тој ги повика поддржувачите да гласаат за републиканците на 3 ноември – што беше и главната цел на оваа конвенција, прва од ваков вид, одржана пред изборите на средината на мандатот.
Трамп сè уште не дава знаци за тоа кого би можел да поддржи за 2028 година, иако републиканците често шпекулираат дали Ванс или државниот секретар Марко Рубио се во најдобра позиција да го преземат партиското раководство откако Трамп ќе ја напушти функцијата.
Бидејќи Уставот му забранува на Трамп да се кандидира за трет мандат, Ванс нашироко се смета за еден од главните кандидати за републиканската номинација. Тој зборуваше за „американското вродено право“ на безбедност и просперитет – права за кои тврдеше дека демократите им се спротивставуваат. „Не ја предавајте земјата во рацете на куп лудаци само затоа што не се согласувате со нас околу некое политичко прашање“, рече Ванс, дополнително нагласувајќи ја главната порака на конвенцијата: прикажување на републиканците како партија на здравиот разум, а на демократите како партија на „лудаци“.
Во четириесетминутниот говор на Венс главно се придржуваше до подготвениот текст – за разлика од послободниот стил на говорење на Трамп – и на моменти наликуваше на обраќање какво што се одржува на партиска конвенција за номинирање претседателски кандидат.
Сепак, во еден очигледно спонтан момент, еден демонстрант замавна со мексиканско знаме, на што Венс одговори: „Па, пријателе, ако толку многу го сакаш Мексико, оди таму по ѓаволите“ – изјава што предизвика силен аплауз и скандирање „САД, САД, САД“.
Поддржувачите ја истакнаа младоста на 42-годишниот Венс и неговата популарност меѓу партиските активисти од базата како причини поради кои тој е во добра позиција да ја продолжи популистичката и анти-естаблишмент политика на партијата откако Трамп ќе се повлече од политичката сцена.
Дел од присутните скандираа „48, 48“, сугерирајќи дека Венс би можел да стане 48-миот претседател на САД во 2028 година, иако тој изјави дека републиканците прво мора да се фокусираат на победа на конгресните избори во ноември.
Пред Венс да излезе на говорницата, републиканците ја искористија конвенцијата за да ги прикажат демократите како опасни екстремисти во пресрет на ноемвриските конгресни избори. Сенаторот од Тексас, Тед Круз, ги обвини – без да понуди докази – дека се дел од „нов и опасен црвено-зелен сојуз“ на комунисти и исламисти.












