среда, јуни 10, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Намалени цени за Ликвид ПАП и ХПВ тестовите – од 250 на...

Намалени цени за Ликвид ПАП и ХПВ тестовите – од 250 на 150 денари и од 550 на 350 денари

72
ФЗО со нови мерки за унапредување на скринингот за рак на грлото на матката

Намалени се цените за Ликвид ПАП и ХПВ тестовите со цел да се поттикне свесноста за рано откривање на рак на грлото на матката. Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) ги намали цените на два клучни теста за рано откривање на рак на грлото на матката – Ликвид ПАП-тестот и ХПВ генотипизацијата, со цел, како што соопшти директорот Сашо Клековски, да се зголеми достапноста и опфатот на скринингот кај жените.

Цената на Ликвид ПАП-тестот е намалена од 2.200 на 1.250 денари, што претставува намалување од над 40 проценти. Истовремено, партиципацијата за осигуреничките се намалува од 250 на 150 денари, а новата цена веќе е во важност.
Кај ХПВ генотипизацијата цената се намалува од 5.500 на 3.310 денари, исто така за околу 40 проценти, додека партиципацијата се намалува од 550 на 350 денари, ревидираната цена на овој тест се применува од 1 мај.

Ликвид ПАП-тестот претставува современ метод за земање и обработка на клетки од грлото на матката, кој овозможува попрецизни резултати во споредба со класичниот ПАП-тест. Се применува на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и на Клиниката за радиотерапија и онкологија, а лани биле изработени 2.427 теста.

Според стручните препораки, се користи за рутински скрининг, за следење по претходно абнормални наоди, како и во комбинација со ХПВ тестирање, особено кај жени над 30 години.

Од ФЗО нагласуваат дека намалувањето на цените е направено врз основа на реалните трошоци, со цел тестовите да станат подостапни и да се зголеми опфатот на скрининг.

Во 2025 година биле направени 70.926 ПАП-тестови, додека во 2023 година 103.119. Истовремено, се бележи пораст на ХПВ тестирањето – од 6.487 во 2023 година на 13.466 тестови во 2025 година. Клековски посочи дека целта е значително зголемување на опфатот, од сегашните околу 70.000 ПАП-тестови на околу 140.000 годишно, со подобро насочување преку матичните гинеколози.

„Жените кои немаат направено ПАП-тест во последните три години треба да бидат упатени. Целта е да се постигне поголем опфат преку превентивните програми“, рече тој и додаде дека податоците се од установи кои имаат договор со ФЗО, додека приватните здравствени установи не се опфатени.

Соред него, Ликвид ПАП-тестот е технолошки поедноставен и овозможува побрза обработка и примена на современи технологии, додека ХПВ тестот има точност од околу 95 проценти и може да се прави на пет години, што го прави тест на иднината во скринингот. (П.А.)

 

ИЗДВОЕНИ