Централните банки денес се соочуваат со еден од најголемите предизвици во последните децении, во услови на зголемена глобална неизвесност предизвикана од пандемијата, геополитичките конфликти, нарушените синџири на снабдување и силниот по раст на цените на енергијата и суровините. Потребата од навремени и одлучни политики за зачувување на ценовната и на финансиската стабилност беше една од главните теми на панел-дискусијата „Трасирање на идниот развој“, одржана во рамки на меѓународниот симпозиум „Навигација низ светската финансиска неизвесност – развој на финансиските пазари, инвестициските стратегии и меѓународниот монетарен систем“, организиран од Банката за меѓународни порамнувања и Народната банка на Кина во Шангај.
На панелот учествуваше и гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, кој во своето обраќање истакна дека искуството од последните години покажало оти централните банки мора да останат цврсто посветени на зачувувањето на ценовната стабилност, дури и кога инфлацијата е поттикната од надворешни фактори.
„Искуството од последните години потврди дека централните банки и натаму мора да бидат посветени, пред сѐ, на зачувувањето на ценовната стабилност, дури и кога инфлацијата е поттикната од надворешни фактори, како што се енергетските шокови. Одложените или недоволните реакции може да предизвикаат многу поголеми економски и социјални трошоци“, посочил гувернерот Славески.
Осврнувајќи се на мерките што Народната банка ги презеде за време на последниот инфлациски бран, тој нагласил дека институцијата реагирала со сеопфатен пакет мерки, кој опфатил зголемување на каматните стапки, повисоки задолжителни резерви и заострување на макропрудентните мерки, со цел да се спречат секундарните ефекти врз инфлацијата и да се зачува довербата во економијата.
Славески истакнал дека стабилниот девизен курс претставува темел на макроекономската стабилност во земјата.
„Во мала и отворена економија, како нашата, стабилниот девизен курс претставува главно сидро за очекувањата и важен фактор за ограничување на преносот на надворешните ценовни шокови врз домашната економија. Во текот на последните светски кризи, повторно се потврди ефикасноста на оваа стратегија“, нагласил тој.
Според гувернерот, благодарение на навремените и одлучни политики, инфлацијата е значително намалена, економскиот раст останува отпорен, а финансискиот систем ја зачувал својата стабилност.
Во дискусијата за актуелните глобални ризици, Славески предупредил дека неизвесноста и натаму останува висока поради геополитичките тензии и нивното влијание врз енергетските пазари и светската трговија. Притоа потенцирал дека Народната банка ќе продолжи внимателно да ги следи состојбите и ќе биде подготвена навремено да реагира доколку ризиците почнат да се материјализираат.
„Денес сме во подобра позиција отколку за време на претходниот шок. Инфлацијата е значително пониска, девизните резерви се повисоки, а довербата во домашната валута и во банкарскиот систем е силна. Тоа е резултат на соодветните политики, јасната комуникација и долгогодишната посветеност на одржувањето на стабилноста на девизниот курс“, истакнал гувернерот.
Славески посочи дека монетарната политика не може сама да го носи товарот на приспособувањето кон светските предизвици и дека е неопходна координација со одговорна фискална политика, како и спроведување структурни реформи насочени кон зголемување на продуктивноста, енергетската диверзификација и отпорноста на економијата.











