Животот е рефлексија на вашите реакции на одредени ситуации. Како ќе реагирате на ситуациите, искушенијата и на препреките што ги имате, таков ќе ви биде животот. Или ќе се жалите и ќе се прашувате зошто токму вам ви се случува тоа и ќе дозволите тоа да ве прегази, или ќе сфатите дека од секоја ситуација може нешто да се научи и ќе се подобрите за да бидете подготвени за следното искушение, вели, меѓу другото, Марко Пејчиновски во интервју за весникот ВЕЧЕР

Јавноста го препознава како симбол на истрајноста и човек кој од дете ги поместува границите на можното. Младиот маратонски пливач Марко Пејчиновски, и покрај здравствените предизвици, испиша страници од македонската спортска историја. Роден е во 2006 година во Охрид и уште како дете се соочува со сериозен здравствен проблем – Пертесова болест, односно некроза на колкот, поради која има ограничувања во движењето и при пливањето речиси целосно се потпира на силата на рацете. Пливањето кое првично му било препорачано како терапија, со текот на времето, прерасна во негов животен повик. Цела Македонија беше горда кога на 12 години го преплива Охридско Езеро, 25 километри од Свети Наум до Охрид, со што стана најмладиот пливач што го направил тоа. Во 2022 година реализираше проект наречен „Одисеја“, во рамките на кој десет пати преплива различни делници на Охридското Езеро, вкупно околу 250 километри. Најголемиот подвиг беше маратон од 64 километри на релација Охрид – Струга –Свети Наум – Охрид, кој траеше повеќе од 21 час. Но, она што го издвојува младиот Марко од сите спортисти е тоа што неговите маратонски подвизи никогаш не биле само спортски. Речиси секој бил посветен на одредена хуманитарна или општествена цел – поддршка за деца со ретки болести, подигање на свеста за лицата со попреченост или испраќање порака дека ограничувањата можат да се надминат. Но, деновиве, Марко ги загрижи своите поддржувачи со фотографија на која се гледа дека закрепнува од оперативен зафат проследена со прашањето: „Крај на пливачката кариера?“. По оперативниот зафат, Марко искрено призна дека враќањето во водите му изгледа како далечен сон, но и дека откажувањето не е опција. Во разговор, а потоа и во интервју за весникот ВЕЧЕР зборува за најтешката битка што ја води досега – онаа со неизвесноста, стравот, надежта и вербата дека повторно ќе го прави она што најмногу го сака.
– Марко, ја инспирираше цела Македонија со тоа што никогаш не се откажуваше. Со фотографијата и прашањето „Крај на пливачката кариера?“ ги загриживте вашите поддржувачи. Каква повреда ве доведе до операцијата? Каква е Вашата здравствена состојба денес?
Повредата потекнува од сообраќајна незгода во 2024 година. За жал, кога бев на лекар, ми беше кажано дека станува збор само за оток на рамото. Помина повеќе од година и половина пред да дојдам до специјалист, кој навистина се разбира и ми дијагностицира хронична AC-дијастаза од четврти стадиум. Операцијата ја направив во февруари оваа година. Иако дефинитивно е подобро отколку што беше, сепак имам уште долг пат до целосно закрепнување и до враќање на рамото во нормала.
– Во објавата велите дека нов пливачки подвиг, во моментов, изгледа како далечен сон. Дали тоа значи дека постои реална опасност да не се вратите на пливањето воопшто?
Апсолутно постои таа можност, но ништо не е гарантирано. Секогаш сум го ставал своето здравје на прво место и така ќе биде и во оваа ситуација. Сите мои подвизи сум ги правел затоа што сум сакал да ги направам. Никој не ме натерал, ниту, пак, сум ги правел за да се докажувам. Како што кажав и во објавата, знам со сигурност дека ќе дадам сè од себе и не постои сценарио во кое ќе се откажам. Останатото го оставам на Бога.
–Напишавте и дека секој ден си ги поставувате прашањата: „Дали ќе можам да се вратам?“ Колку е тешка психолошката битка? Колку верата Ви помага во најтешките моменти?
Тоа се моменти на слабост кои мора да ги препознаеш и да се соочиш со нив. Станува многу полесно кога знаеш дека сè е дел од Божјиот план. Згаснатиот сон за фудбал ме доведе до оваа авантура со пливањето, каде што можев да си помогнам себеси, а и на многу други. Можеби ќе продолжам со пливање, а можеби ќе ми се отворат некои други патишта. Бог не нè става во ситуација од која не можеме да излеземе како подобри личности и затоа имам целосна доверба во Бог и во Неговиот план.
– Велите дека чувствувате дека имате уште еден или два големи подвизи во себе. За кои предизвици сонувате?
Никогаш не сум кажувал однапред кој ќе биде мојот следен подвиг, сè додека самиот не се уверам дека можам да го направам. Секогаш гледам наредниот подвиг да биде поголем и потежок од претходниот. Доколку успеам да се вратам, тоа ќе биде мојот најголем спортски подвиг.
– Вашата животна приказна е пример за истрајност уште од детството. Дали моменталната повреда е најголемиот предизвик со кој досега сте се соочиле?
Не, дефинитивно не е најголемиот предизвик со кој сум се соочил. Сум поминал низ многу поголеми и потешки искушенија од ова и верувам дека допрва ме чекаат уште поголеми препреки во животот. Ова со што сега се соочувам е сосема нормално за секој спортист.
– Ако не можете повторно да се натпреварувате на највисоко ниво, дали би останале во спортот на друг начин – како мотиватор, тренер или промотор на пливањето?
Не сум навлегол многу во тие мисли бидејќи сè уште се надевам дека ќе можам да пливам на највисоко ниво. Но, она што сакам да го правам со пливањето откако ќе се „пензионирам“ е да организирам хуманитарни пливачки настани.

– Ако денес треба со една реченица да ја опишете својата моментална животна борба, како би гласела таа?
Победата е најслатка кога е вистински заработена преку многу труд, жртва и верба, а приказната е најинтересна кога од дното се искачуваш до врвот.
– Кога повторно ќе застанете на стартот на некој маратон, што мислите дека ќе почувствувате – страв, благодарност или желба повторно да му покажете на светот дека невозможните работи понекогаш се возможни?
Тоа ќе биде чувство што ќе можам да го опишам само тогаш, но претпоставувам дека ќе чувствувам благодарност што повторно било Божја волја да имам пливачки подвиг.
– Вие инспирирате илјадници луѓе – не само со своите неверојатни подвизи во водите на Охридското Езеро туку и со пораките за истрајност, вера и непокорност што редовно ги споделувате на социјалните мрежи. Која е Вашата порака до младите?
Животот е рефлексија на вашите реакции на одредени ситуации. Како ќе реагирате на ситуациите, искушенијата и на препреките што ги имате, таков ќе ви биде животот. Или ќе се жалите и ќе се прашувате зошто токму вам ви се случува тоа и ќе дозволите тоа да ве прегази или ќе сфатите дека од секоја ситуација може нешто да се научи и ќе се подобрите за да бидете подготвени за следното искушение.
Славе ТАСЕВСКИ












