вторник, ноември 10, 2026
Дома БАЛКАН Откриена една од причините за верижниот судир во Бугарија! Фаталната грешка на...

Откриена една од причините за верижниот судир во Бугарија! Фаталната грешка на возачите предизвика хаос од незамисливи размери/ВИДЕО

1

Според бугарскиот портал 24chasa.bg, фактот што двете несреќи се случиле на истото место веројатно се должи на тоа што вниманието на возачите било привлечено од претходни инциденти во непосредна близина.

Првиот судир се случил на коловозните ленти кон Бургас, кога камион му го попречил патот на автобус со патници. Кратко потоа, втор камион – кој превезувал жито – удрил во автобусот, а по него, патнички автомобил удрил во задниот дел од тој камион. Оваа информација ја соопшти Љубомир Николов, вршител на должноста главен секретар на бугарското Министерство за внатрешни работи.

Според досегашните информации, сите загинати се наоѓале на таа страна од автопатот, а се претпоставува дека ненадејната појава на густа магла придонела за верижните судири.

Во двете несреќи учествувале вкупно 86 возила – 63 на делницата кон Бургас и 23 на спротивната страна од автопатот.

Заменик-министерот за внатрешни работи, Калојан Калојанов, изјави дека 10 лица ги загубиле животите на самото место, додека уште едно лице починало во болница.

Според достапните податоци, 28 повредени лица биле згрижени во медицински установи во регионот на Сливен, 16 во регионот на Јамбол, а уште шест лица биле хоспитализирани во Бургас. „Претпоставуваме дека несреќата на лентите кон Софија се случила на ист начин, а фактот што двата судири се случиле на иста локација веројатно се должи на тоа што возачите биле деконцентрирани поради несреќата што веќе се случила во близина“, објасни Николов.

Тој наведе дека сите повредени се пренесени во болници. Се очекува еден од повредените во Бургас да биде транспортиран со воен авион од типот „Спартан“. Неколку лица моментално се наоѓаат на одделението за интензивна нега. Според досегашните информации, меѓу повредените и загинатите нема деца.

Главниот секретар на полицијата најави дека ќе се разгледа можноста за подобрување на ознаките на коловозот – како што се линиите за разграничување на лентите – на делниците што често се зафатени од магла. „Ќе спроведеме темелна истрага за целата сообраќајна несреќа“, додаде тој.

По пријавувањето на несреќата, по негова наредба беше започната операција со кодно име „Спас“. Бугарскиот премиер Румен Радев соопшти дека бројот на загинати достигна 11, додека 48 лица се повредени.

На местото на настанот се наоѓаат голем број полициски службеници, екипи на брза помош и 17 противпожарни единици. Автопатот „Тракија“ останува затворен во двата правци во областа на Јамбол, а видливоста е и понатаму намалена, соопшти Агенцијата за патна инфраструктура (АПИ).

ИЗДВОЕНИ