Лозарите и оваа година се соочуваат со сериозни проблеми при откупот на грозјето, а најголем дел од нивните забелешки се однесуваат на условите под кои се врши исплатата. Како што велат производителите, доколку им бидат исплатени средствата за предаденото грозје веднаш, откупувачите им задржуваат 8 отсто од вкупната вредност. Дополнително, се плаќа и 2 отсто данок, што значи дека уште на самиот почеток лозарите остануваат без 10 отсто од заработката. За производителите, тоа е голема сума, велат дека со тие пари треба да ги платат работната рака, трошоците за производство и да обезбедат приходи за своите семејства. По една тешка производствена сезона, секое дополнително намалување на приходот директно се одразува врз нивната егзистенција.
Токму поради тоа, лозарските здруженија повторно бараат промени во Законот за вино, со кои, според нив, би се создале порамноправни услови меѓу производителите и откупувачите. Тие укажуваат и на проблемот со, како што оценуваат, монополската положба на винарниците, која им остава ограничен простор на лозарите при преговорите за цената и за условите за откуп.
Од здруженијата сметаат дека е неопходно да се зголеми конкуренцијата при откупот на грозјето и да се воспостават појасни и поправични правила, со цел производителите да добијат поголема сигурност и предвидливост за својот труд. Прашањето станува особено важно во периодот пред почетокот на откупот, кога лозарите повторно се соочуваат со неизвесност околу цените, условите за исплата и реалниот приход што ќе им остане по сите давачки и трошоци.
– На 30 илјади евра, од старт ни задржуваат 3 илјади евра, поради тоа што грозјето ни го исплаќаат веднаш и по основ на данок на приход. Односно, винарниците уште на почеток ни задржуваат 8 отсто од вредноста на грозјето, а ние, како производители, не знаеме зошто се задржуваат тие средства. Станува збор за наш производ. Кога купува некој нешто на пазар, плаќа веднаш и за тоа никој не му задржува 8 отсто од вредноста. Истото треба да важи и за грозјето. Кога станува збор за поголеми количини, тоа воопшто не се мали пари. Со тие средства можеме да ја платиме работната рака или, пак, да ја надоместиме разликата што ја трпиме поради ниската откупна цена – изјави за весникот ВЕЧЕР Раде Зоков, лозаропроизводител и сопственик на винарница од Кавадарци.
Тој додава дека лозарите во моментов се соочуваат и со сериозен проблем при откупот на трпезното грозје, кое, како што вели, го откупува само една фирма, што значително ја ограничува конкуренцијата.
– Ако реалната откупна цена е 35 денари за килограм, тие ни нудат 25 денари и ни велат, ако сакаш, дај го, ако не – чувај си го. Тоа е така затоа што нема конкуренција и ние сме принудени да ги прифатиме цените што ни ги нудат. А тие цени се многу ниски и не ги покриваат ниту производствените трошоци – додава Зоков.
Тој вели дека и оваа година лозарите се соочуваат со проблеми при откупот на црвеното грозје, бидејќи винарниците, според него, покажуваат поголем интерес за белите сорти. Дополнителен проблем е и намалениот извоз кон Србија, каде што годинава, исто така, има вишок грозје.
– Големите винарници ќе откупат онолку колку што им е потребно, а за другото секој ќе мора да се снаоѓа како знае и умее. Она што нема да се продаде, најверојатно, ќе заврши за производство на ракија. Годинава, и Србија има вишок грозје, па количините што вообичаено се извезуваа на тој пазар може да останат на домашниот пазар, што дополнително ќе го отежне откупот – вели Зоков.
Сепак, тој посочува дека годинава квалитетот на грозјето е добар, односно има повеќе шеќерни единици.
– Добро е што годинава има поголеми количини, а квалитетот е добар. Поради поголемиот број сончеви денови, грозјето има повисока шеќерност и подобар квалитет, што е позитивно за производителите. Проблемот е што не е доволен добриот квалитет доколку нема сигурен пласман и фер откупна цена – додава Зоков.
Од Националната земјоделска мрежа сметаат дека новиот министер за земјоделство треба да иницира промена на методологијата за пресметка на производствената цена на винското грозје, како и донесување нов закон за вино. Според нив, актуелната законска рамка не обезбедува доволна заштита за производителите и, во најголема мера, ги штити интересите на винарниците.
– Според нашите пресметки, откупната цена треба да биде околу 30 денари за килограм за двете вински сорти, бидејќи откупните цени во регионот се значително повисоки. Во соседна Србија, вранецот и смедеревката се откупуваат по околу 60 денари за килограм. Поради тоа, не сакаме да се повтори она што се случуваше изминатите години: нашето грозје да завршува на пазарите во регионот по значително повисоки цени, додека домашните производители добиваат ниска откупна цена. Бараме да се зголеми откупната цена и да се обезбедат подобри услови за лозарите – изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
Состојбата со откупот и годинава повторно го отвора прашањето за односот меѓу лозарите и винарските компании, како и за условите под кои производителите го пласираат својот производ. Додека институциите се повикуваат на утврдената методологија за пресметка на производствената цена, лозарите бараат да се преиспита таа и да ги одразува реалните трошоци за производство и актуелните движења на регионалниот пазар.
(А. С.)












