Молдавските власти денес го повикаа рускиот амбасадор Олег Озеров, откако беше забележан уште еден случај на навлегување на ракети и беспилотни летала од соседна Украина во воздушниот простор на земјата.
Кон крајот на септември, Кишињев пријави зголемување на инцидентите поврзани со беспилотни летала, што доведе до повеќекратно затворање на воздушниот простор на земјата.
Министерството за надворешни работи го повика рускиот амбасадор – по вторпат за неколку дена – и побара од Москва да спречи вакви инциденти, се наведува во соопштението објавено на социјалните мрежи.
Молдавската претседателка Маја Санду, која се залага за европска интеграција, изјави дека овие инциденти покажуваат оти војната што Русија ја води во Украина „стигнува и до Молдавија“.
„Москва ги загрозува животите низ Европа и мора да биде запрена“, напиша таа на платформата „Икс“ (X).
Од почетокот на руската инвазија врз Украина во 2022 година, па сè до крајот на септември, Молдавија регистрирала 81 случај на нарушување на воздушниот простор – вклучувајќи ракети и беспилотни летала од руско и иранско производство – при што 44 од нив се случиле само во текот на оваа година.












