Имаше ли настапот на црковниот хор „Козна Пречистански“ и на игроорците од Кичево на прославата на празникот Успение на Пресвета Богородица на Имврос, Турција, во организација на Вселенската патријаршија, и други димензии, освен збогатување на празничните содржини? Настапот на македонските пејачи што пееле македонски песни, на игроорците облечени во македонски народни носии, кои играле македонски ора пред вселенскиот патријарх, Вартоломеј, и пред други владици од Вселенската патријаршија, како и пред новиот албански архиепископ, Јован, секако дека бил повеќе од збогатување на големиот празник. Ова најмногу поради фактот што ова е речиси првпат пред очите на вселенскиот патријарх да се играат македонски ора, да се пеат македонски песни, да му се претстави народната носија на македонскиот народ. Сето ова води кон прашањето дали во заднината на организирањето и одржувањето на ваквиот настап, за кој вчера информираше весникот ВЕЧЕР, имало и други цели што може да се поврзат со односите меѓу МПЦ-ОА и Вселенската патријаршија.
До настапот на македонскиот хор и на игроорците доаѓа само по неколку дена откако на Света Гора заврши посетата на братството на Бигорскиот манастир предводено од епископот антаниски, Партениј. Посетата, држењето заедничко бдение, срдечните средби… беа протолкувани како почеток на обновувањето на веќе подолго време запрените односи меѓу ВП и МПЦ-ОА. Застојот, познато е, е поради различните ставови на двете цркви околу издавањето томос за автокефалност на Македонската црква. Сега, кратко време по тоа, на територијата на Епархијата за Имврос на Вселенската патријаршија се организира претставување на македонскиот фолклор и на духовното творештво. Ова Епархија, инаку, е под надлежност на вселенскиот митрополит, Кирил, кој досега повеќе пати беше во Македонија токму со мисија да го реши прашањето околу издавањето томос. Со тоа, јасно станува дека иницијативата и одобрението за настап на македонските фолклористи ги имале негите согласност и одобрение.
Што сè било содржано во заднината на настапот пред највисоките достоинственици на Вселенската патријаршија и пред бројните верници – етнички Грци на Имврос, ќе покаже времето. Но, очигледно е дека Вселенската патријаршија станува поотворена за манифестациите на кои се претставува македонскиот идентитет, на кој почива нашата земја Македонија. По поздравните пораки на патријархот Вартоломеј по повод големите христијански празници, кои почна да ги објавува Вселенската патријаршија по 2022 година и на македонски јазик, ова е нов чекор во соочувањето и прифаќањето на постоењето македонски национален идентитет. Факт е, истовремено, дека во официјалното соопштение на Вселенската патријаршија беше наведено дека се работи за настап на „млади мажи и жени од Охридската архиепископија“, без да се споменува името на народот или на државата во која делува таквата архиепископија. Меѓутоа, вселенскиот митрополит, Кирил од Имврос, сигурно дека знае какви и чии претставници поканил во својот дом. Користењето на терминот Охридска архиепископија во оваа пригода, сигурно, се должи на држењето на Вселенската патријаршија до својот став од одлуката од 2022 година, со која го призна канонското постоење на МПЦ-ОА. Тогаш, познато е, Вселенската патријаршија порача дека е подготвена да ја признае нашата автокефалност како „Црква на Охрид“, односно како Охридска архиепископија, и тоа за целосна употреба. Но, во одлуката тогаш беше наведено дека нашата Црква „не смее да го користи името ‘Македонија’ или ‘македонска’ или, пак, кој било друг дериват од зборот ‘Македонија’“.
Тој став предизвика проблеми околу издавањето томос на МПЦ-ОА, чиј духовен водач, архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан, изјави дека главни проблеми се барањата на Вселенската патријаршија за наше откажување од името Македонска православна црква, отстапување на македонската дијаспора и признавање на Украинската црква, која ја призна Цариград. Сега, по речиси двегодишен застој во односите, Вселенската патријаршија покажува подготвеност да ги слушне и да ги види македонските песни и ора, што води кон мислењето дека се случуваат одредени промени во нејзините редови. Односно дека почнува да се сфаќа какво важно значење за МПЦ-ОА има прашањето на прифаќањето на нејзиниот изворен идентитет. Оттаму, ваквиот вид контакти и комуникација, сигурно, треба да продолжат, бидејќи само на таков начин може да се надминат проблемите и предрасудите во меѓуцрковните релации. (Б. Ѓ.)












