Бројот на случаи на банкрот во Европската Унија во вториот квартал од 2026 година се зголемил за 5,7 отсто во споредба со првите три месеци од годината, додека бројот на новорегистрирани компании се намалил за 0,5 отсто, покажуваат најновите податоци на „Евростат“.
Пад на регистрацијата на нови компании е забележан во пет од осумте анализирани сектори. Најголемо намалување има во индустријата, од 3,6 отсто, по што следуваат сместувањето и угостителските услуги со пад од 3,4 отсто и образованието и социјалните услуги со 3,2 отсто.
Од друга страна, секторот за информации и комуникации бележи силен раст, со 8,8 отсто повеќе новорегистрирани компании во однос на претходниот квартал. Во градежништвото растот изнесува еден отсто, додека бројот на нови компании во финансиските услуги останал непроменет.
Истовремено, бројот на случаи на банкрот се зголемил во пет од осумте набљудувани сектори. Најголем скок е регистриран во образованието и во социјалните дејности, каде што пораснал тој број за 21,1 отсто. Во транспортот, растот изнесува 11,4 отсто, а во финансиските услуги – 6,8 отсто.
Подобра состојба е забележана кај сместувањето и во угостителството, каде што бројот на случаи на банкрот се намалил за 2,6 отсто. Пад има и во градежништвото, од 1,7 отсто, и во трговијата од 1,2 отсто.
Податоците доаѓаат во период кога европската економија бележи раст. Според прелиминарните процени на „Евростат“, бруто домашниот производ во вториот квартал пораснал за 0,5 отсто во ЕУ и за 0,4 отсто во еврозоната во однос на претходниот квартал.
На годишно ниво, економскиот раст изнесувал 1,2 отсто во ЕУ и еден отсто во еврозоната.
Најновите бројки покажуваат дека, и покрај растот на економијата, дел од компаниите продолжуваат да се соочуваат со сериозен притисок, додека новите деловни иницијативи сè повеќе се насочуваат кон информацискиот, комуникацискиот и кон дигиталниот сектор.












