среда, август 12, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА На 30 август, три планински трки на Плачковица

На 30 август, три планински трки на Плачковица

11

По една година пауза, „Чупино треил“ повторно се враќа на планината Плачковица.

На 30 август 2026 година, љубителите на планинското трчање повторно ќе имаат можност да бидат дел од настанот што низ годините прерасна во една од препознатливите вакви трки во овој дел од Македонија. Годинашното издание на „Чупино треил“ ќе понуди три различни трки, наменети за различни нивоа на подготвеност – за оние што сакаат пократок планински предизвик, но и за искусните треил тркачи подготвени за сериозен тест на издржливоста.

Бумбарска е трка во должина од 16 километри, со 650 метри позитивна висинска разлика. Таа е одличен избор за тркачите што сакаат пократка, но динамична планинска трка и можност да го почувствуваат вистинскиот карактер на Плачковица.

Чупино класик е препознатливата трка на „Чупино треил“ и годинава ќе се трча на 30 километри, со 1.800 метри позитивна висинска разлика. Патеката е комбинација од сериозни искачувања, спустови и планински терен и претставува вистински тест на физичката и на менталната издржливост.

Посебен предизвик годинава е Тринити, трка што ги поврзува трите високи врвови на планината Плачковица, со околу 3.200 метри позитивна висинска разлика. Tаа е наменета за искусните и добро подготвени планински тркачи и претставува еден од најсериозните предизвици на годинашното издание.

Враќањето на „Чупино треил“ по едногодишната пауза има особено значење за организаторите, но и за тркачите, волонтерите и за поддржувачите, кои низ годините беа дел од оваа спортска приказна.

– По една година пауза, со големо задоволство повторно се враќаме на Плачковица. „Чупино треил“ низ годините изгради своја традиција и заедница. Нашата цел е да продолжиме да го развиваме настанот, да го промовираме планинското трчање и истовремено да ги претставиме природните убавини на Плачковица пред што поголем број натпреварувачи и посетители – велат организаторите.

Покрај спортскиот карактер, „Чупино треил“ има цел да придонесе и за промоција на Плачковица како дестинација за планински спортови, активен туризам и рекреација, како и за афирмација на целиот регион. Сите заинтересирани тркачи може да се пријават за една од трите трки најдоцна до 23 август 2026 година.

Пријавувањето се врши онлајн преку платформата RunnerSpot: https://runnerspot.com/event/Chupino

ИЗДВОЕНИ