Во Крушево се одржува 18. FAI Европско првенство во параглајдерство. Од 8 до 19 август, градот е домаќин на еден од најзначајните меѓународни настани во дисциплината параглајдинг крос-кантри. Главното полетување е од Мечкин Камен, а слетувањето и завршувањето на натпреварувачките задачи се одвиваат на соодветни слетувалишта во поширокото подрачје, во зависност од конкретната задача и од условите за летање. Покрај спортското значење, првенството претставува и можност за дополнителна меѓународна промоција на Крушево. Учесниците и нивните тимови имаат можност да ги запознаат природата, културното наследство и туристичката понуда на градот
Во Крушево се одржува 18. FAI Европско првенство во параглајдерство, со учество на 130 пилоти и околу 200 лица од 38 земји. Од 8 до 19 август, градот е домаќин на еден од најзначајните меѓународни настани во дисциплината параглајдинг крос-кантри.
Главното полетување е од Мечкин Камен, а слетувањето и завршувањето на натпреварувачките задачи се одвиваат на соодветни слетувалишта во поширокото подрачје, во зависност од конкретната задача и од условите за летање.
Како што информираат организаторите, заедно со тимовите и со придружниот персонал, во Крушево се присутни повеќе од 200 учесници директно поврзани со натпреварувањето.
– Европското првенство е потврда за квалитетот на Крушево како меѓународна параглајдерска дестинација, но и можност за натамошен развој на инфраструктурата и на туристичката понуда. Со изградбата на новите полетувалишта, создаваме услови и во иднина да бидеме домаќини на големи меѓународни настани. Крушево не е само летачка локација туку и целата локална заедница, угостителите и атмосферата што ги пречекува гостите – истакна Горан Димишковски, претставник на Организацискиот одбор и претседател на Светскиот параглајдерски куп.
Покрај спортското значење, првенството претставува и можност за дополнителна меѓународна промоција на Крушево. Учесниците и нивните тимови имаат можност да ги запознаат природата, културното наследство и туристичката понуда на градот.
Развојот на параглајдерската инфраструктура продолжува и преку ИПА СВС-проектот „Крушево и Елбасан, патување во природа и авантура“. Во рамките на проектот се градат две нови полетувалишта на Црн Врв, со цел подобрување на условите за параглајдерство и создавање дополнителни можности за развој на активниот и на авантуристичкиот туризам.
Организатори на 18. FAI Европското првенство во параглајдерство се Параглајдинг клуб екстрема и Делта параглајдер клуб, во име на Воздухопловната федерација на Македонија. Настанот се реализира со поддршка на релевантни национални институции, Општина Крушево и на Туристичката организација на Крушево.
По Европското првенство, Крушево продолжува со уште еден голем меѓународен спортски настан. Од 24 август градот ќе биде домаќин на Светското јуниорско првенство во параглајдерство „Крушево 2026“.
– Со двата големи меѓународни настани во август, Крушево ја потврдува својата позиција како значајна европска дестинација за параглајдерство и за активен туризам – потенцираат организаторите.












