Преку романтична приказна, песната ја пренесува идејата за судбината на оние луѓе што едноставно се родени еден за друг. Токму за тоа се пее и во рефренот: „Милион патишта, милион соништа, која луда среќа е тоа што те сретнав тебе…“ – Вашата постојана медиумска поддршка ми дава голема инспирација за нови, убави песни – вели распеаната Јованка за весникот ВЕЧЕР
Популарната македонска пејачка од Куманово на која ѝ порасна популарноста за 100 отсто по одличното повеќекратно учество во балканското шоу „Никогаш не е доцна“ (со македонската песна „Штом се сака“ и со ексјугословенската „Још се срце уморило није“), Јованка Јо, деновиве, во ова жешко време, ја разладува публиката со новата забавна песна „Луда среќа“. Ја паметиме и од минатото лето, кога заслужено освои неколку награди на „Охридфест“.
– Вашата постојана медиумска поддршка ми дава голема инспирација да продолжам да создавам нови, убави песни – вели распеаната Јованка за весникот ВЕЧЕР.
Оваа песна, низ текстот што го напиша Ефтимија Јованова, заедно со музиката и аранжманот, зборува за надежта, далечината и за силата на чувствата што ги надминуваат сите граници. Преку романтична приказна, песната ја пренесува идејата за судбината на оние луѓе што едноставно се родени еден за друг. Потребно е само да им се случи тој еден момент, кој како да е од Господ подарен, со токму таа луда среќа, па да останат заедно до крајот на животот. Токму за тоа се пее и во рефренот: „Милион патишта, милион соништа, која луда среќа е тоа што те сретнав тебе…“
Песната има и свое видеоиздание. Видеоспотот е реализиран во издание на „Фабрика продукција“, со камерата на Јаков Огненовски, а режијата ја потпишува Љупчо Трајковски. Во спотот се појавуваат Лазар Иванов и кошаркарот Михаил, додека за изгледот на пејачката се погрижија Милица Деспотоска (фризура), Данчо Велковски (облека) и Ана Денцова (шминка). Аудиомиксот и мастерингот се дело на Темелко Андреев.
– Кошаркарот Михаил, кој глуми во спотот, е многу упорен во потрагата по својата луда среќа. И секако дека ја наоѓа, а таа луда среќа му ги отвора сите затворени врати дотогаш, така што не мора сè да биде секогаш апсолутно совршено за да биде вистинско – вели комуникативната Јованка, која, како пејачка со таков уникатен глас и со силна јужњачка интерпретација, ги заслужува сите пофалби.
Не знае да се фали, скромна е, но затоа нејзините настапи на сцената го оставаат слушателот без здив. Вели дека учела и научила од најдобрите светски и македонски пејачки, по примерот на Тереза Кесовија, Селин Дион, Мерима Његомир, Маја Оџаклиевска, Нина Спирова, Зорица Поп Панкова… давајќи ѝ на својата моќна интерпретација свој печат.
Инаку, наскоро ќе ја слушаме – ова лето на 24 август, на фестивалот на шегобијната песна „Тумбафест“, на Градскиот плоштад во Куманово.
(Д. М.)












