четврток, октомври 1, 2026
Дома СВЕТ Москва се заканува: Европските фабрики што произведуваат оружје за Украина се потенцијална...

Москва се заканува: Европските фабрики што произведуваат оружје за Украина се потенцијална воена цел

0
EPA/YURI KOCHETKOV

Фабриките во Европа што произведуваат оружје наменето за Украина се потенцијални воени цели, изјави вчера портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, како што пренесе руската новинска агенција Интерфакс.

„Сакам да повторам дека фабриките во европските земји што произведуваат оружје за Украина се потенцијални воени цели за Русија“, рече таа на прес-конференција, одговарајќи на прашање за плановите на Полска да биде домаќин на производство на ракетниот систем „Патриот“.

Таа додаде дека не треба да се претпоставува оти воените фабрики лоцирани надвор од украинската територија – но кои произведуваат оружје за украинските вооружени сили – ќе бидат безбедни.

Според неа, европските земји сега се „директно вклучени“ во конфликтот преку производството на оружје.

Захарова, исто така, ја обвини Украина дека во текот на изминатата недела користела оружје испорачано од Западот за напади врз станбени згради, јавна инфраструктура и цивилни возила.

Според податоците објавени од Москва, загинале 41 лице, а 274 биле повредени – меѓу кои и девет малолетници – главно во украинските региони под руска контрола (Луганск, Запорожје и Херсон), како и во руските региони Белгород и Курск.

Овие закани доаѓаат во време на сè почести обвинувања за руски хибридни операции на територијата на НАТО.

Во вторникот, Естонија ги обвини руските разузнавачки служби дека организирале подметнат пожар во август во зграда во Талин, во сопственост на компанија од одбранбениот сектор. Германија неодамна му го припиша на Москва обидот за напад со дрон врз аеродромот во Лајпциг, додека полскиот премиер Доналд Туск предупреди на ризикот од руски напад со дрон – претставен како случаен – чија цел би била да се тестира единството на Алијансата.

ИЗДВОЕНИ