Освен празниците, на работниците може да им ја одземат и неделата како неработен ден. Оваа можност се отвори по изјавата на заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески, кој рече дека лично поддржува неделата повторно да биде работен ден. Неговата изјава предизвика реакции и незадоволство кај синдикатите и кај работниците, кои прашуваат дали има крај на барањата на работодавците. Зошто се оддалечува Македонија од европските практики за пократка работна недела, дали повторно се враќаме кон општество во кое се очекува да се работи седум дена во неделата и дали ќе мора да работат работниците и во недела за истата плата, се дел од прашањата што се отворија во јавноста и на социјалните мрежи.
Иако Ристески нагласи дека станува збор за негов личен став, а не за донесена владина одлука, најавата дека треба да се разгледува прашањето на Економско-социјалниот совет отвори дебата за тоа колку се заштитени работничките права и дали повторно економските интереси ќе имаат предност пред потребата на луѓето за одмор и за семеен живот. За многумина, неделата не е само уште еден ден во календарот туку и единствената можност во текот на неделата да поминат време со семејството, да се одморат и да ги завршат личните обврски.
Реакциите на социјалните мрежи покажуваат незадоволство од можноста повторно да се отвори ова прашање. Дел од граѓаните прашуваат зошто постојано се бара да работат работниците повеќе наместо да се зборува за повисоки плати, подобри услови и за пократко работно време. Други посочуваат дека многумина веќе работат прекувремено, во сабота и во смени, и дека слободното време станува сè помалку достапно. Се поставува и прашањето дали, доколку неделата повторно стане работен ден, ќе има вистински избор за работниците или тие повторно ќе бидат принудени да прифатат работа под притисок на работодавците. Дел од коментарите се иронични, со порака дека ако се смета дека неделата треба да биде работна за сите, тогаш и функционерите треба да работат во недела.
Од друга страна, работодавците сметаат дека актуелното законско решение за недела неработен ден создава нееднакви услови за работа меѓу компаниите и ја ограничува слободата на претприемништвото. Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи смета дека постојат уставни основи поради кои треба повторно да се разгледа Законот.
– Уставот предвидува дека може да се ограничи слободата на претприемништвото само во случаи на војна, вонредна состојба или природна непогода. Дополнително, со постојното законско решение се нарушува еднаквоста пред Законот, бидејќи им е дозволено на одредени компании да работат во недела, додека на други не им е дозволено. Постојат и низа нелогичности во примената. На пример, доколку едно лице е истовремено сопственик и работник во компанија, може да продава одредени производи, но не и други – изјави Димитров за весникот ВЕЧЕР.
Според него, постојат повеќе причини повторно да биде разгледан Законот на Економско-социјалниот совет, особено поради ограничувањата со кои се соочуваат одредени дејности. Како пример ја посочува прехранбената индустрија, каде што законските ограничувања, според него, создаваат проблеми во организацијата и непреченото одвивање на производствените процеси.
– Постојат дејности за кои е оправдано да се работи и во недела. Нелогично е да ѝ биде дозволено на една млекарница да врши откуп на млеко во недела, а истовремено да нема можност да го преработува тоа млеко истиот ден – посочува Димитров.
И министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, смета дека треба да се отвори прашањето и да се разговара за можни измени на Економско-социјалниот совет.
– Во Европа е практика одредени дејности да можат да работат во недела. Кај нас сѐ уште е на сила Законот за недела неработен ден, но кога не работи во недела, производството го губи капацитетот. Исто така, има одредени места каде што можат да одат луѓето во недела, а не одат поради тоа што не се работи. Така, нашите граѓани од Гевгелија или од другите места што се блиску до грчката граница одат на шопинг во Солун, а другите одат во Косово. Граѓаните нема каде да ги потрошат парите што ги заработуваат во шесте дена од неделата. Затоа се предвидува во недела да работат одредени дејности што им се потребни на граѓаните, но да не се злоупотребува тоа – изјави Дурмиши.
Синдикатите, пак, предупредуваат дека не смее работничките права да бидат предмет на пазарење со работодавците и дека мора да се разгледува секоја промена низ призмата на интересите и заштитата на работниците. Од Сојузот на синдикатите на Македонија и претходно укажуваа дека неделата како ден за одмор е важно достигнување и дека нејзиното повторно отворање би можело да значи чекор назад во заштитата на работничките права.
Додека дел од европските земји експериментираат со пократка работна недела и поголема продуктивност, во Македонија повторно се отвора дебатата за работа во недела. Законот за недела неработен ден стапи во сила на 1 јануари 2022 година, но оттогаш постојано се актуализираат барањата за нови исклучоци и измени.
(А. С.)












