Енергетската сигурност, регионалното поврзување и поголемото учество на жените во носењето стратешки одлуки беа во фокусот на првиот форум за енергетска дипломатија, кој се одржа во Скопје, под мотото „Обновливи извори на енергија и жените во енергетиката“. Во рамките на форумот беше потпишана Скопска декларација, со која се потврдува определбата за зајакнување на женското лидерство и за создавање поголеми можности за вклучување на жените во енергетските политики и во меѓународните преговори.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во своето обраќање порача дека енергетиката одамна не е само прашање на производство, снабдување и цени туку и стратешка област од која директно зависат националната безбедност, економската конкурентност и геополитичката стабилност.
Таа посочи дека војната во Украина и кризите на Блискиот Исток уште еднаш ја потврдиле потребата од диверзификација на изворите и правците за снабдување, како и од зајакнување на меѓународната соработка.
– Во такви услови, дипломатијата е еден од најважните инструменти на енергетската политика. Преку неа градиме доверба, отвораме нови правци за снабдување и поврзуваме пазари. Така создаваме партнерства што траат подолго од еден политички мандат – истакна Божиновска.
Според министерката, стратешката географска положба отвора можности Македонија да се позиционира како значајна енергетска врска во регионот. Како конкретни чекори во таа насока ги посочи изградбата на гасниот интерконектор со Грција и планираното поврзување со Србија, со што ќе се овозможат нови правци за снабдување и поголема сигурност на енергетските пазари.
Таа нагласи дека енергетската безбедност на Европа е тесно поврзана со стабилноста и поврзаноста на Западен Балкан, поради што регионалната соработка мора да биде заеднички приоритет. Во тој контекст ги истакна и партнерствата со Соединетите Американски Држави, Хрватска и со други европски партнери.
– Успехот на дипломатијата нема да го мериме по бројот на потпишани документи, туку по проектите што ќе ги реализираме, по инвестициите што ќе ги овозможиме и по сигурноста во снабдувањето што ќе ја почувствуваат граѓаните – порача министерката, додавајќи дека целта е преку нови капацитети, инвестиции и стратешки партнерства да се намали енергетската зависност и да се приближи земјава кон енергетската независност.
Акцент на форумот беше ставен на улогата на жените во енергетскиот сектор, при што Божиновска истакна дека не треба да се сведе нивното учество само на застапеност туку да подразбира и активно влијание во креирањето политики, преговарањето и донесувањето одлуки.
– Жените треба да ги поставуваат приоритетите, да ги водат преговорите, да ги градат партнерствата и да преземаат одговорност за резултатите. Не зборуваме само за застапеноста, зборуваме за влијанието – истакна Божиновска.
Таа додаде дека Скопската декларација претставува основа за понатамошна соработка, менторство и професионален развој преку создавање мрежа на жени во енергетската дипломатија, која ќе овозможи поголемо учество на жените во стратешките процеси и во меѓународните договори.
Постојаната координаторка на Обединетите нации во Македонија, Рита Колумбија, порача дека енергијата директно влијае врз секојдневниот живот на граѓаните, но и врз функционирањето на економијата. Таа го поздрави напредокот на земјава во развојот на обновливите извори, посочувајќи дека за пет години се зголемил уделот на електричната енергија од обновливи извори од 29 на 46 проценти, додека инсталираната моќност достигнала 1.842 мегавати.
Колумбија најави и претставување на инструментот за зелено финансирање, наменет за поддршка на малите бизниси и на домаќинствата, со приоритет за домаќинствата предводени од жени.
– Енергетската транзиција нема да успее ако не учествуваат жените рамноправно – истакна Колумбија, повикувајќи се на податоците на Меѓународната агенција за енергија, според кои жените заземаат само 18 проценти од раководните позиции во енергетиката.
Таа нагласи дека женското лидерство не е само прашање на еднаквоста туку и разумна енергетска политика.
Постојаниот претставник на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) во Македонија, Арменд Грегоријан, истакна дека енергетската транзиција мора да ги искористи сите расположливи човечки потенцијали, посочувајќи дека исклучувањето на жените од процесите на одлучување претставува загуба за општеството.
– А има ли поголемо расфрлање со енергија од неискористениот човечки потенцијал? – праша Грегоријан, повикувајќи се на извештајот на УНДП од 2023 година, според кој девет од десет луѓе имаат предрасуди кон жените.
Тој го поздрави потпишувањето на платформата за жени во енергетската дипломатија, која треба да ги поврзе министерките и лидерките од јавниот и од приватниот сектор, како и од меѓународните организации.
– Енергијата на иднината мора да биде чиста, сигурна и достапна. Но, пред сè, иднината што ќе ја овозможи таа мора подеднакво да им припаѓа на сите – порача Грегоријан.
На форумот се разговараше и за развојот на обновливите извори на енергија, зеленото финансирање и за модернизацијата на енергетските мрежи, како предуслови за поефикасно пренесување на електричната енергија произведена од сонце и од ветер. Особено внимание им беше посветено на можностите за поддршка на домаќинствата и на малите и средните претпријатија во инвестициите во обновливи извори и енергетска ефикасност.
На настанот присуствуваа повеќе од 200 домашни и странски гости, меѓу кои високи владини претставници, претставници на меѓународни организации, финансиски институции, дипломатската заедница и приватниот сектор. На форумот учествуваа над 15 говорници, учесници на панел-дискусиите и модератори.
Од форумот се очекува да произлезат конкретни иницијативи и долгорочни партнерства што ќе придонесат за поголема енергетска сигурност, забрзана зелена транзиција и за посилна улога на жените во обликувањето на енергетската иднина.
(А. С.)












