среда, ноември 25, 2026
Дома КУЛТУРА „Музички крстопат“ со концерти и изложби во Битола

„Музички крстопат“ со концерти и изложби во Битола

0

Со концертот на Амира Медуњанин, една од најпрепознатливите интерпретаторки на балканска традиционална музика, вечерва (25. ноембри) стартува „Музичкиот крстопат“ во Битола, фестивал во рамките на кој до 30 ноември ќе има настапи на домашни и на странски уметници и две изложби. Годинашново 18. издание на Фестивалот на музика од светот се одржува под мотото „Музички крстопат“.

Утревечер (26 ноември) ќе настапат македонскиот гитарист и композитор Јован Милошевски, кој живее и работи во Шпанија, и битолскиот бенд CODE 369.

На 27 ноември, на сцената на Народниот театар – Битола, ќе гостува групата „Сарсале“ од Барселона, со програма во духот на фламенкото и на шпанската музичка традиција. Следниот ден, на 28 ноември, ќе може да се проследи концертот на  турската група „Мартеница“, која ги поврзува турското музичко наследство и балканските ритми. На 28 ноември, во горното фоаје на Центарот за култура – Битола, ќе биде претставена изложбата „Музика во слика и слика во музика“ на уметницата Жаклина Николовска од Скопје.

Програмата ќе продолжи на 29 ноември, со концерт на Битолскиот дувачки оркестар и на Драган Мијалковски, на вечер посветена на безвремените мелодии и на песните што поврзуваат генерации. За овој настап се подготвува проширен ревиски состав со гудачки инструменти и со околу 30 музичари на сцената. Аранжманите ги подготвува Дамир Имери, кој ќе настапи и како специјален гостин. Последната вечер, на 30 ноември, ќе настапат Елена и „Баклава“, со нов музички материјал произлезен од нејзините музички истражувања во Турција, и грузиското „Трио Мандили“, познато по автентичните вокални интерпретации и традиционалните грузиски песни.

Фестивалот го организира НУ Центар за култура – Битола, со поддршка од Министерството за култура и туризам, Општина Битола и од партнери.

ИЗДВОЕНИ