среда, ноември 25, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА „Имаме закони против семејното насилство, но не се постапува – затоа имаме...

„Имаме закони против семејното насилство, но не се постапува – затоа имаме фемициди“

0

Почнуваат 16 дена активизам против родово базираното насилство, но годинава, граѓанските организации одлучија да стават мораториум на одбележувањето, незадоволни од тоа што секоја година се повторуваат пораките за нулта толеранција, додека жените и понатаму не добиваат соодветна институционална заштита. Наместо уште една кампања, активистите бараат одговорност од институциите и спроведување на законите што веќе постојат.

„Не ни требаат уште 16 дена ветувања. Ни требаат 365 дена институционална одговорност“, порачаа од ХЕРА Млади, кои почетокот на кампањата го одбележаа со герила-акција со нацртани силуети на мртви жени, симболизирајќи ја незаштитеноста што може да доведе до фемицид.

Од Националната мрежа против насилството врз жените и семејното насилство велат дека проблемот веќе не е во немањето на закони, туку во тоа што институциите не постапуваат навреме. Елена Димушевска потсетува дека по секоја трагедија се отвора прашањето за законски измени, иако Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство од 2021 година обезбедува правна основа за заштита.

„Секогаш кога ќе се случи трагедија, се зафаќаме со законски измени. Законот од 2021 година е добар закон и несреќите не се последица на законот, туку на непостапувањето. Имаме законска основа, но институциите не постапиле. И да постоеле нови законски измени, ако не се постапува, ќе има фемициди и насилство“, вели Димушевска.

Една од мерките што треба да обезбеди поголема сигурност е отстранувањето на насилникот од домот. Полицијата има поголеми овластувања да интервенира кога постои сериозна опасност за жртвата, но процената ја прави полицискиот службеник, а не се сите соодветно обучени за препознавање на ризикот.

Димушевска посочува и на сериозен пропуст во однос на децата кои сведочат на семејно насилство. Во практиката, заштитните мерки најчесто се однесуваат на жената, додека детето што го гледа насилството не е секогаш препознаено како жртва. Дополнително, додека трае постапката, насилникот може да продолжи да има контакт со децата. Предложените законски измени предвидуваат и можност за ограничување на комуникацијата и видувањата на насилникот со децата додека не се обезбеди нивната сигурност, како и задолжителни третмани за сторителите. Се проширува и значењето на поимот дете жртва, а се предвидува и можност за електронско следење на сторителот со алка.

Измените, според Димушевска, се закочени од август, неофицијално од антидемократски движења кои прават притисок врз пратеничките предлагачи на законот, а кои сакаат да нè вратат во минатиот век кога жената е за домашна употреба.

Елена Димушевска
Национална мрежа против насилство врз жените

Дека жените сè почесто бараат помош сведочи и СОС-линијата 147-700. Савка Тодоровска вели дека само во првите десет месеци од годинава имале повеќе од 400 јавувања. Промената се гледа и во тоа што жените сè почесто пријавуваат насилство, не само во институциите, туку и кај соседи и роднини.

„Најмногу зависи од жртвата дали сака да се отвори. Имаме многу освестени жени кои пријавуваат. Тесна е соработката и со 112. Ние можеме да ја слушнеме жртвата и да го отвориме проблемот, но не можеме да го решиме. Решението е во институциите, во кои жртвата нема доверба. Ниту една од нив не е задоволна од институционалниот процес и од начинот на кој се води нејзиниот излез од насилството“, вели Тодоровска. Особено загрижува тоа што сè почесто помош бараат и жени над 60 години. Според Тодоровска, тие се јавуваат поради физичко насилство од синовите и внуците, кои ги тепаат за да им земат пари.

Хелсиншкиот комитет, пак, преку истражување на случаите на фемициди утврдил дека во 70 отсто од анализираните случаи во судските документи нема податок за мотивот за убиството. Најчесто е наведено само дека сторителот ја убил жената при семејно насилство, без подетална анализа на причините и околностите што довеле до убиството. Наташа Петкоска од Хелсиншкиот комитет бара да се испита и како постапувале институциите пред фемицидите и да се утврди одговорност за секој пропуст. Во најголем дел од случаите, според наодите, МВР било запознаено со насилството, но нема секогаш податоци дали претходно имало пријави.

Колку е распространето насилството покажуваат и официјалните податоци на МВР. Од јануари до септември 2026 година се евидентирани 1.337 кривични дела поврзани со семејно насилство, со 1.144 жени жртви. Регистрирани се и 3.869 поплаки, во кои како жртви се евидентирани 2.567 жени. Од вкупно 1.388 пријавени сторители, 1.278 се мажи.

фото Ѕ.П

Паралелно со барањата за институционална одговорност, ХЕРА Млади бараат и конкретни мерки за поголема безбедност на жените и девојчињата: осветлени улици, паркови и јавни површини, сигурен јавен превоз во ноќните часови, построги санкции за дигиталното и сексуалното насилство, вклучително и одмаздничката порнографија, како и доверливи механизми за пријавување врсничко и родово насилство во училиштата и факултетите. Бараат и враќање на сеопфатното сексуално образование и стручна работа со момчињата и мажите кои покажуваат насилно и контролирачко однесување.

На почетокот на 16 дена активизам, со заедничка порака се огласија и Делегацијата на Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, нагласувајќи дека секоја пријава за насилство мора да биде проследена со брза, координирана реакција, ефективни мерки за заштита и одговорност за сторителите. (П. А.)

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ