По летото одбележано со суши, екстремни горештини и пожари, Велика Британија се подготвува за влажен и ветровит почеток на зимата. Британската метеоролошка служба „Мет Офис“ прогнозира зголемена веројатност октомври, ноември и декември да бидат повлажни, поветровити и потопли од вообичаено.
Во исто време, Агенцијата за животна средина предупреди дека повеќе од два милиони луѓе во Англија не се свесни дека нивните домови се наоѓаат во подрачја со ризик од поплави.
Според агенцијата, околу шест милиони имоти во Англија се изложени на одреден ризик од поплавување, но една третина од луѓето кои живеат во загрозените подрачја не сметаат дека се во опасност.
„Знаеме дека шест милиони имоти се изложени на ризик. Исто така, знаеме дека една третина од луѓето кои се загрозени не мислат дека се во опасност“, изјави Керолајн Даглас, директорка за управување со ризици од поплави и крајбрежна ерозија во Агенцијата за животна средина.
Таа ги повика граѓаните да проверат на официјалната веб-страница на британската влада дали нивниот имот е во ризична зона, да се регистрираат за предупредувања за поплави и да подготват план за постапување во случај на поплава.
Главниот метеоролог на „Мет Офис“, Вил Ланг, изјави дека тримесечната прогноза покажува зголемена веројатност периодот од октомври до декември да биде повлажен и поветровит од просекот, но и со температури над вообичаените вредности.
„Сè е поголема веројатноста периодот во целина да биде влажен, поветровит од вообичаено, но и потопол од просекот“, рече Ланг.
Како еден од факторите кој може да влијае врз временските услови се наведува и феноменот Ел Нињо. Според „Мет Офис“, тој може малку да ја зголеми веројатноста за повлажно и поветровито време во Велика Британија, но метеоролозите нагласуваат дека станува збор само за еден од повеќе фактори кои го определуваат времето.
Сепак, комбинацијата на временските услови може да го зголеми потенцијалот за поплави во наредните месеци.
Метеоролозите истовремено предупредуваат дека и покрај очекуваните врнежи, во делови од Велика Британија и понатаму може да има услови на суша, сè додека акумулациите не се вратат на вообичаените нивоа. За тоа, во текот на зимата ќе бидат потребни натпросечни количини врнежи.
Првичните прогнози укажуваат дека подоцнежниот дел од зимата би можел да биде посув, постуден и помирен.












