Во „Мала станица“ е поставена изложбата „Културното наследство низ делата од колекцијата на Националната галерија“. На изложбата се претставени триесетина дела преку кои посетителите имаат можност да го запознаат културното и архитектонското наследство на Македонија низ уметничкиот израз на македонските автори.

Акцентот е ставен на недвижното културно наследство, односно црквите, манастирите, џамиите, амамите, како и на профаните градби од различни региони на земјава. Изложените слики и цртежи не претставуваат само уметнички дела туку и значајни визуелни и документарни сведоштва за изгледот на старите градби, нивната архитектура, просторната структура и декоративните елементи, како и за промените што ги претрпеле низ времето.

Меѓу застапените автори се Љубомир Ивановиќ, Лазар Личеноски, Ѓорѓи Ачески, Михајло Шојлев, Димитар Аврамовски Пандилов и други значајни уметници.

Најголемиот дел од делата потекнуваат од првата половина на 20 век, период во кој се развивала македонската ликовна уметност во допир со традиционалните вредности и со современите модернистички тенденции.

Преку својот уметнички пристап, авторите овековечиле значајни објекти и делови од културниот простор на Македонија, оставајќи сведоштва за едно време, неговите вредности и архитектонски особености.

Раководител на изложбата е вишиот кустос Маја Крстевска, а соработник е кустосот Владимир Таневски.

ИЗДВОЕНИ