Агентите на вештачката интелигенција (ВИ) се кријат во телефоните. Тие имаат способност да ги заобиколат механизмите за заштита, па може масовно да собираат пораки, фотографиите и е-пошта, нарушувајќи ја приватноста.
„Сигнал“, апликација за пораки дизајнирана да ја заштити приватноста на корисниците, почна автоматски да блокира снимки од екраните за да ги спречи агентите на ВИ да читаат содржина на екранот и да собираат потенцијално чувствителни податоци. Креаторите на апликацијата, која се смета за златен стандард во индустријата кога станува збор за доверливите шифрирани пораки, предупредија дека „Гугл“, „Епл“ и „Мајкрософт“ вградуваат автономни агенти длабоко во оперативните системи на своите уреди, дозволувајќи им да ги заобиколат механизмите за заштита на приватноста во поединечни апликации, пишува порталот „Политико“. За разлика од класичните чет-ботови, кои претежно одговараат на барањата на корисниците, агентите на ВИ може самостојно да извршуваат задачи и да користат различни апликации. Во зависност од доделените дозволи, тие може да имаат пристап до пораките, фотографиите и до други лични податоци на уредот.
– Можноста милијарди уреди постојано да ги шпионираат своите корисници ги прави откритијата на Едвард Сноуден да изгледаат како шега – изјави за „Политико“ Удбав Тивари, раководител на стратегијата и глобалните прашања во „Сигнал“, потсетувајќи дека поранешен вработен во американската Агенција за национална безбедност (НСА) во 2013 година открил масовен надзор извршен од американските власти.
Тивари предупреди дека владите насочени кон надзор би можеле да бараат од технолошките компании пристап до податоците собрани од агентите на ВИ, без да мора да го пробиваат шифрирањето помеѓу испраќачот и примачот или да инсталираат малициозен софтвер на нечиј уред.
„Сигнал“ се залага производителите на оперативни системи да обезбедат алатки што ќе им овозможат на апликациите да ги спречат агентите на ВИ да пристапуваат и да обработуваат податоци. Според „Политико“, агентите на ВИ интегрирани во оперативните системи се веќе достапни во многу земји во светот, но нивното воведување во Европската Унија се одвива побавно. Постои загриженост и за тоа дека агентите на ВИ би можеле да собираат податоци што потоа би се користеле за обука на модели на ВИ или за насочување кон рекламирање.












